X
 14.09.2017 Култура

За човека и она што му припаѓа

Колумна на Виктор Ефтимов

Познавав еден човек; падна од дрво, се симна од планина, наиде на река – реката ја преплива и таму се насели. Познавав и друг човек; се стори од земја, а од него никна жена му, се симнаа од планина, наидоа на река – жена му не знаеше да плива, па се сместија на брегот. Слушнав и за еден бог што кога ги сретнал творците крај реката, им рекол, изградете мост ко што ме создадовте и мене.


Фото: Pixabay


Всушност, ова е само приказна, налик на оние од Библијата; само што не сум месија, туку сум студент. Откако го сублимирав она главното, ќе пробам колку-толку и да го проширам во рамките на атеизмот и неговата филозофија. Затоа, потребно е да се направи една мала анализа на вербата во божественото и нејзините промени, од најраните почетоци, до ден-денес. Од таква гледна точка, неопходно е да се спомене дека со историскиот развој, самиот концепт за Бога станува „комплицираност“, која зависи од човековиот ум и неговото толкување на она што го и на она што не го разбира.

Имено, верувањето во натприродни сили се јавува како резултат на недоволно знаење. Концептот за повеќе богови произлегол од стравот – таткото на сето суеверие, кога примитивните луѓе, не можејќи да си ги објаснат природните феномени, го измислиле постоењето на семоќни, сезнајни битија. Бидејќи концептот за Бога не може да опстои доколку не се адаптира спрема луѓето, новите богови на еден народ ги замениле старите богови на друг. За денес да остане само еден, без разлика на името.

Впрочем, името не е ни битно затоа што Бог е Бог. Го обезличувавме, па го востоличувавме, и повторно го доизмислувавме. Наместо оној што постоел, сликата за Бог се претвори во еден вид спиритуален стимул за поткрепа на човековите слабости. Притоа, оваа промена е совршено доследна со почетоците на самата идеја и како таа се менувала низ вековите. На тој начин, идејата за Бог продолжува и ќе продолжи да биде супериорна кон човека, сè додека човек не ја надрасне сопствената слабост. Ние го зачнавме Бог, а не тој нас.

Филозофијата на атеизмот, која е последица на проширувањето на човековиот ум, е менлива, подлежи на развој, додека, пак, филозофијата на теизмот – ако може така да се нарече, е статичка. За среќа на вистината, човековиот ум никогаш не бил, ниту пак, некогаш ќе биде ограничен од постојаности. Единственото нешто што е постојано и трајно, е промената. Оттука започнува и неуморниот марш кон знаењето; кон нештата кои му припаѓаат на човекот, а не ги создал Бог, и се негови да ги открие; кон животот со сите свои прекрасни и ослободувачки можности – наспроти оној што му забранува на општеството да согледа колку високо може да се воздигне.

Ние го зачнавме Бог, и ние повторно ќе го ресоздадеме или не, кога ќе дојде часот да се преименува лудилото. А што има лошо во тоа да не се ресоздава Бог, зарем не е пострашно да не се ресоздаде човекот? И што има лошо во тоа да се биде атеист, зарем не сме мирољубиви луѓе? Напротив, нема ништо лошо, затоа што „атеизмот со неговата негација на боговите е истовремено и најсилна афирмација на човекот, а преку него, и на вечниот живот, на намерата и на убавината“ (Голдман).

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.
Подготвил: Виктор Ефтимов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура