X
 16.11.2017 Култура

Нуркање во плитко


   
Колумна на Виктор Ефтимов

Мислам дека веќе ви кажав.


Негацијата на боговите е истовремено и најголема афирмација на човекот. И да не се повторувам, ниту пак да бидам погрешно сфатен дека сакам да ги иронизирам човековите проблеми, не наоѓајќи притоа разбирање за змијата која можеби, не од глад, ами од мака почнала да го јаде опашот. Ми беше зборот, секој со своето; и нека остане така запишаното: Не е на ѕвездите да ја создадат нашата судбина, туку на нас самите.

Некој некогаш допиша. Чинам беше Шекспир, ама не е ни битно. Важно е само исчитувањето на она што предничи и неговото толкување денес, меѓу младите, но и постарите – што нè носи до главната тема на таканаречената колумна, која гласи Нешто помалку за окултизмот. Барем така сакав да ја именувам, иако повеќе не сум ни сигурен. На крајот на краиштата, кога ќе ми текне, ќе го допишам насловот, а сега подобро да се задржам на содржината. Таа е плитка и токму затоа треба што подлабоко да се нурнам во неа, до самото нејзино дно.

А таму, низ црти и низ нејасни прикази, низ точки и низ недоречени зборови, како да ги гледам сите оние што страдаат од пророкување на судбината во шолја за кафе, или боледуваат од толкување на соновите, хиромантија, спиритуализам... Но, како што реков, шолјата е плитка, исто како и течноста внатре – која е речиси при крај, па затоа пожелно е да побрзам оти не ќе имам време да ви кажам дека оној што последен пат ви гледал на кафе многу умешно ја затскрил вистината зад лаги; дека читањето судбини од талог кафе е чиста измислица (читај: бесмислица) на група луѓе кои самонаречената моќ на „гледање“ ја злоупотребуваат за заведување наивници; дека судбината на македонскиот народ може подобро да се прочита од друга шолја отколку од онаа за кафе, итн.

Дополнително, оваа рекреативна дисциплина, во која најмногу уживаат оние со исклучителна фантазија и ораторски способности, чудотворна моќ на перцепција и резонирање на работите, прерасна во културно наследство за помладите генерации, кои, впрочем, пиењето кафе го вообличија во еден вид ритуал. Токму затоа и градов никогаш не научи да ги преспива ноќите, да ги поврзува линиите и да ужива во пијалакот. Баш напротив, тој навикна кафето да му создава горчина, а судбината да му ја читаат други.

Всушност, не ми беше намерата да застанам тука, но веќе стигнав на дното и исчитувајќи ги знаците во талогот наидов на некаква точка. Тоа значи дека ќе се стави крај на нешто. Ете, гледате дека ви погодив!

Крај. Точка.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура