X
 16.10.2017 Технологија

Дали „Епл“ подготвува „ајфон“ со свиткувачки екран?!


Ајфон
(Фото: Getty images)


Според шпекулациите во јужнокорејските медиуми, „Епл“ има намера да соработува со „Ел-џи“ на развој на телефон со свиткувачки екран, пренесува C-net.

Во моментов нема никакви дополнителни информации за „ајфонот“ со свиткувачки екран, освен дека „Епл“ наводно нема намера да го претстави пред 2020 година.

Доколку овие шпекулации се вистинити, тоа ќе биде најголемата промена на „Епл“ досега, но веројатно нема да биде никаков новитет бидејќи „Епл“ нема да биде првата компанија што ќе претстави ваков свиткувачки смартфон.

Како што е познато, „Самсунг“ веќе неколку години развива свиткувачки екрани и нивниот прв паметен телефон што ќе ја користи оваа технологија купувачите можат да го очекуваат веќе следната година.

Свиткувачкиот екран, односно телефон, ќе донесе многу нови можности. На пример, за телефонирање и праќање пораки може да се користи преклопениот екран кој не зазема премногу место во џебот, а кога се користи за читање, корисниците ќе можат да го отворат екранот и да го користат уредот како таблет.

На екранот за „ајфон икс“, „Епл“ соработуваше со „Самсунг“, па „Самсунг дисплеј“ е заслужен за ОЛЕД-екраните, но во случајов со свиткувачките екрани „Епл“ сака да ја намали зависноста од најголемиот конкурент на пазарот за мобилни телефони и да ги користи екраните на „Ел-џи“.

Сепак, со оглед на тоа што до евентуалното претставување на ваквиот модел на „ајфон“ остануваат уште три години, во меѓувреме интернетот ќе го преплават голем број дополнителни вести во врска со плановите на „Епл“ за производство на телефон и „ајфон“ со свиткувачки екран.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија