X
 27.10.2017 Живот

КОЛУМНA: Загадувањето - опасност на денешницата


Фото: Pixabay
 

Колумна на Викторија Митевска

Секоја година со настапување на ниските температури сведоци сме на висок степен на загаденост и магла низ улиците, посебно низ улиците на главниот град. Сите веруваме дека конечно ќе дојде ден кога некој ќе преземе мерки за решавање на овој одамна присутен проблем, иако во суштина за тоа би требало да придонесеме сите ние. Како и да е, тоа е прашање кое нè засега сите, па затоа треба и заеднички да се изнајде решението.


Можеби би требало да ги имплементираме решенијата на другите држави во снаоѓање со загадувањето, но тоа да се направи внимателно и приспособувајќи ги на нашите услови и начин на живот. А кога би се осврнале на нив, последно актуелно е воведување на новата такса за загадувањето во Лондон. Овде е и Пекинг со огромната кула која дејствува како надворешен прочистувач на воздухот, како и сите други што се соочуваат со ова, а верувајте ги има многу.

Ова е дефинитивно еден од најголемите проблеми на денешницата, односно најголемата закана за опстанокот на светот. А сè што имаме ние е нашата татковина, нашата земја. И токму неа треба да ја зачуваме, да ја направиме чисто, безбедно и убаво место за живеење. Бидејќи немаме друг дом освен овој – нашиот. А немаме ниту резервна планета.

Сега треба да се разбуди свеста кај целокупното општество, кај сите нас. Можеби некој сè уште не го гледа она што одамна е видливо, она што одамна нè демне и е сериозна опасност, веќе помината над дозволениот лимит.

Сега треба да се вложи во изнаоѓање нови алтернативи, нови мерки во борбата со оваа појава која води кон пропаст на човештвото.

Да, време е да направиме нешто со здружени сили, од сите за сите. Да направиме да плени со прекрасна природа, не само главниот град, туку секое парче од нашата држава. Да, време е секој граѓанин да диши чист воздух.

Затоа, треба да се дејствува брзо и ефективно, сите ресурси и напори да се насочат во вистински правец, да се спречи сеопшта катастрофа и конечно да се стави крај на оваа смртоносна закана која го демне светот.

Да му помогнеме на светот, односно да си помогнеме и на себеси.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот