X
 17.03.2020 Живот

Оваа земја е најдобра во светот за набљудување на ѕвезденото небо

Ниуе, полинезискиот остров на половина пат помеѓу Фиџи и Куковите Острови, доби признание од Меѓународното здружение за темно небо, организација која работи на спречување на светлосното загадување и на луѓето им овозможуваат да ги гледаат ѕвездите.

Ова здружение веќе наведе неколку точки низ светот кои се совршени за набљудување на ноќното небо, вклучувајќи го и Големиот Кањон во САД, ова е првпат тие да признаат една земја.

- Ѕвездите и ноќното небо имаат големо значење за начинот на живот во Ниуе од аспект на културата, животната средина и здравјето. Статусот на нација со темно небо ќе ни помогне да го заштитиме нашето небо за следната генерација на жителите, како и за туристите што доаѓаат во нашата земја - изјави Фелисити Болен, директорка на туристичката агенција од оваа земја.

Посветеноста на оваа земја за намалување на светлосното загадување е евидентна. Ниуе се обврза дека своите улични светилки ќе ги замени со енергетски исплатливи светилки со помала емисија на светлина.

nebo
Фото: Instagram

- Небото над Ниуе со векови се набљудува и се уважува. Статусот на нацијата на темно небо му додава важност на нашето традиционално учење и овозможува причина за обновување и споделување на тоа знаење пред да се изгуби - вели Миса Калутеа, заштитник на културата на народот.

Ниуе имa околу 1.600 жители и претставува една од најслабо посетените земји во светот. Овој корален остров со површина од 261 квадратен километар е автономен, во слободна врска со Нов Зеланд, што значи дека сите жители имаат новозеландско државјанство.

Повеќето патници што доаѓаат во Ниуе го прават тоа преку Нов Зеланд бидејќи постојат само два лета неделно преку Окленд. Туристите што доаѓаат во Ниуе за да уживаат во ноќното небо може да ангажираат локални водичи и така да овозможат економска поддршка за заедницата.

Извор: CNN
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот