X
 28.03.2025 Живот

Делумно затемнување на Сонцето утре – каде и кога да го набљудувате?

На повидок е возбудлив астрономски настан! На 29 март ќе се случи затемнување на Сонцето кое ќе биде видливо во делови од северната хемисфера. За разлика од целосното затемнување на 8 април 2024 година, овој пат централниот дел од сенката на Месечината нема да ја допре Земјата, што значи дека ќе бидеме сведоци само на делумно затемнување. Сепак, оваа необична појава не треба да се пропушти, особено ако се наоѓате во регионот каде што ќе биде видлива.
Покрај тоа, можеби ќе имате шанса да видите и ретка појава позната како „двојно изгрејсонце“.

Каде ќе биде највидливо затемнувањето?


Најспектакуларен поглед ќе има од североисточниот брег на Северна Америка. Колку подалеку на север се наоѓате, толку подлабоко ќе биде затемнувањето.

Ретката појава на „двојно изгрејсонце“, каде што Сонцето при изгрејсонце изгледа како два раздвоени рога кои се издигнуваат над хоризонтот, ќе биде видлива само од крајниот североисточен дел на Мејн, како и од југозападниот дел на Њу Брунсвик и источен Квебек. Жителите на Атлантска Канада ќе можат да набљудуваат делумно затемнето изгрејсонце, а затемнувањето ќе стане подлабоко во текот на утринските часови.

Затемнувањето во Европа и Африка


Затемнувањето ќе биде видливо и во Западна Европа и Северозападна Африка, но не толку интензивно. Во престолнината на Исланд, Рејкјавик, максималното затемнување ќе биде 68 отсто и ќе се случи во 11:05 часот по локално време, додека во Лондон околу 31 отсто од Сонцето ќе биде покриено во 11:03 часот. За точната покриеност и времето на затемнувањето во вашата област, можете да ги проверите официјалните податоци на НАСА.

Безбедност при набљудување на затемнувањето

Иако ова е делумно затемнување, набљудувањето без заштита на очите е крајно опасно. Доколку планирате да ги искористите очилата за затемнување од 2024 година, проверете ја нивната состојба и видете дали се оштетени затоа што можат да бидат небезбедни. Друга опција е да користите индиректен метод за набљудување, па така можете да ги следите сенките на листовите од дрвјата на земјата, кои природно ја прикажуваат формата на затемнетото Сонце.

Без разлика каде се наоѓате, овој астрономски спектакл вреди да се проследи. Само бидете сигурни дека тоа го правите на безбеден начин!

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот