X
 17.04.2018 Образование

Наставниците од средните училишта од Скопје не ја зеле мартовската плата, законските рокови се пробиени


Наставниците од средните училишта во Скопје сѐ уште не ја зеле мартовската плата. На социјалните мрежи постојано постираат пораки и бараат од градоначалникот Петре Шилегов да ги почитува законските рокови, според кои, платата треба да биде исплатена најдоцна до 15-ти во месецот.
- Просветните работници од Скопје сѐ уште немаат добиено плата за март. Градоначалниче, и овој месец го прекршивте законот за плати – пишува на „Фејсбук“ професорка од средно училиште.

Просветни работници од Скопје нѐ информираа дека платите во средните училишта во Скопје доцнат секој месец. Тие велат дека од 2013 година досега само четири пати е исплатена во законскиот рок, до 15-ти во месецот.
- Најчесто се исплаќа околу 20-ти во месецот, а некогаш и подоцна, што е кршење на законот за плати – вели професорка.



 Јаким Неделков, претседателот на СОНК, за Факултети.мк изјави дека рокот за исплата на платите на наставниците е до 15-ти во тековниот месец и бидејќи денеска е 17-ти, Законот е прекршен.
- Рокот во Законот за работни односи е до 10-ти, а според колективниот договор за средните училишта, до 15-ти. Системот за исплата на платите е така направен што мора сите училишта да поднесат документи до Општината, односно градот. Ако едно училиште задоцни или има некоја грешка, платата ќе доцни за сите. Сме преговарале овој начин на исплата да се смени, секое училиште да си одговара посебно за документите, но не сме успеале да смениме нешто – вели Неделков.

И од Министерството за образование и наука велат дека проблемот веројатно е технички.
- Во Скопје има 23 средни училишта и ако се згрешени документите или не се испочитува рокот за достава на пресметките за плати, исплатата ќе доцни во секое училиште – велат од МОН.

Но, наставниците велат дека не е фер сите да бидат казнети поради грешките на едно или две училишта. Тие бараат овој проблем да се реши.

Од Град Скопје ни одговорија дека платите за вработените во средните училишта се исплаќаат од наменски блок дотации кои се трансфериираат од централната власт. Оттаму тврдат дека застојот не е во оваа институција.

- За минатиот месец средните училишта благовремено ја доставиле целокупната документација до Град Скопје и врз основа на истата , пред рокот се изготвени пресметките и доставени до министерствата. Значи, застојот не во градот, туку најверојатно префрлањето на платите е во звршна фаза во министерството за финансии , што би требало да значи дека се во постапка за исплата.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование