X
 17.04.2020 Живот

ЛЕГО произведува илјадници заштитни визири за медицинските работници

Групацијата ЛЕГО им нуди помош на здравствените работници што се на првата линија во борбата против Ковид-19 со користење на нивните објекти за производство на илјадници заштитни визири за лице.

Според инстаграм-објавата од ЛЕГО, фабриката со седиште во Данска почна да создава 13.000 визири дневно. Визирите наводно ќе бидат дистрибуирани во болниците и медицинските установи низ целата земја.

Иако овие визири не даваат иста заштита како N95, поединците и бизнисите низ светот почнаа со нивно производство, како и производство на маски за дополнителна заштита во областите со висок ризик.


- Оваа недела почнавме да правиме визири во нашата фабрика во Билунд за здравствените работници во Данска. Горди сме на тимот што го прави ова. Тимот работи напорно за да создаде дизајни и да направи калапи за да можат да се произведат повеќе од 13.000 визири дневно. Благодарни сме што имаме талентирани, посветени и грижливи колеги - пишува компанијата.

Исто така, ЛЕГО објави дека ќе донира 500.000 комплети коцки за децата. Компанијата не прецизира како ќе бидат дистрибуирани комплетите, но ги замоли обожавателите на социјалните мрежи да покажат дополнителна поддршка за Националниот здравствен систем со тоа што ќе изградат виножито од лего-коцки во знак на солидарност.

Ова не е првпат корпорациите да излезат во пресрет за време на кризата со Ковид-19. Познатиот инженер и пронаоѓач Џејмс Дајсон дизајнира вентилатор за британската влада за само 10 дена - а потоа волонтираше да донира 5.500 вакви уреди.
Вработените на ИКЕА ѝ донираа 50.000 N95 маски на шведската болница откако ги откриле маските во магацин. Кинеска технолошка компанија испрати десетици илјади респираторни маски до италијанските болници што се тешко погодени од вирусот. Американскиот фудбалски тим „Њу Ингланд пејтриотс“ го искористи нивниот приватен авион да транспортира 1,2 милион N95 маски од Кина во њујоршките и бостонските болници. 




Извор: Good News Network
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот