X
 17.05.2018 Економија

Платите во администрација: Кои земаат највисоки а кои најниски плати

Просечната месечна нето-плата во јавната администрација се движи од 300 до 1.500 евра, покажува најновата анализа направена од Фондацијата за демократија на „Вестминстер“ во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа“.

Најниска месечна нето-плата за 2016 година имале вработените во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор - 18.174 денари, додека највисока плата имале вработените во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот - 63.854 денари.

Анализата се однесува на периодот од 2010 година досега и таа покажува дека постои тренд на зголемување на платите во јавната администрација. Трендот е поголем од зголемувањето на просечната плата во Македонија. Исто така, бројот на вработени во јавната администрација од 42.474 се зголемил на 47.364 во период од 6 години (од 2010 до 2016).

1
1

Според податоците од извештајот, просечниот износ за бруто-плата по вработен кај сите корисници на централниот буџет е 42.563 денари. Тоа е речиси 10.000 денари повеќе од просечната бруто-плата во Македонија за 2016 година, која изнесува 32.822 денари. Просечната месечна нето-плата по вработен кај буџетските корисници за 2016 година е 28.700 денари, што е за 6.360 денари повеќе од просечната нето-плата во Македонија.

Кога станува збор за платите во регулаторните тела, тие се поголеми од просечната бруто и нето-плата во Македонија, движејќи се од 58.291 денар месечна бруто, односно 39.033 просечна месечна нето-плата по вработен во Комисијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, до 136.194 денари просечна месечна бруто или 90.215 денари просечна месечна нето-плата по вработен во Регулаторната комисија за домување.

Целосниот извештај можете да го погледнете ТУКА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија