X
 17.09.2021 Здравје

Италија и Словенија со нови мерки за задолжително вакцинирање против ковид-19

Италија стана првата европска држава што задолжително бара од сите вработени да бидат вакцинирани против ковид-19. Италијанската влада ја одобри оваа мерка во четвртокот. Со тоа, сертификатите за вакцинација стануваат задолжителни за сите вработени во јавниот и во приватниот сектор почнувајќи од 15 октомври. Мерката ќе биде во сила до крајот на годината.

Министерот за здравство Роберто Сперанца изјавил за медиумите дека мерката се воведува за да се зголеми безбедноста и да се засили кампањата за вакцинирање во земјата поради потенцијален раст на бројот на нови случаи со ковид-19 зимава.

Според новата мерка, сите вработени ќе мора да покажат доказ дека примиле вакцина, дека неодамна биле заразени со вирусот или треба да имаат негативен тест. Од мерката се исклучени само пензионерите и невработените лица.


Фото: Рим/Pixabay

Оние вработени што нема да ја почитуваат мерката ќе бидат суспендирани од работа без да бидат платени, но не смеат да добијат отказ. Тие може да бидат и казнети со глоба до 1.500 евра.

Истовремено, сите вработени во државната администрација во Словенија што не прележале ковид-19 сега ќе мора да се вакцинираат. Негативниот тест повеќе нема да им биде доволен за да доаѓаат на работа, одлучи Владата.

Според новата мерка, државните службеници мора да примат прва доза од вакцина против ковид-19 до 1 октомври, а втора до 1 ноември. Со оваа одлука словенечката Влада сака да им даде пример и на другите жители.


Фото: Љубљана/Pixabay

Од среда стапија во сила и нови мерки со кои за влез на работно место, во јавен превоз, трговски центар, банка или пошта мора да се покаже потврда за вакцинација или негативен тест. Поради овие мерки, неделава во Љубљана се одржуваа протести.

Повеќе други европски земји бараат сертификати за вакцинација на јавни настани и во ресторани, музеи, кина и театри. Низ Европа се одржаа повеќе протести против мерките.

Во моментов, околу 75 отсто од Италијанците постари од 12 години се вакцинирани со барем една доза.

Извори: Euronews | Index
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје