X
 18.08.2018 Живот

Џенова го вклучи алармот, во неколку земји ќе се врши инспекција на мостовите

Падот на мостот во Џенова како да ги освести другите земји, па веднаш се покрена расправа и почнаа инспекции на постојните мостови.

Така, српската Републичка градежна инспекција ќе спроведе вонреден инспекциски надзор над сите мостови во Србија подолги од сто метри, а прво ќе се испитаат најфреквентните мостови. Инспекторите ќе имаат поддршка од експерти од други институции, професори од Градежниот факултет и претставници од надлежното министерство.

Вонредниот инспекциски надзор, кој подразбира и градежна и проверка на документацијата, прво ќе се изврши на најфреквентните мостови во земјата, соопштија од српското министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура. Тоа значи дека први на удар се друмскиот мост Газела преку Сава, друмскиот и железнички Панчевачки мост преку Дунав и стариот мост кај Бешка преку Дунав на автопатот Белград-Суботица.

Фото: BizLife

Истовремено, хрватските медиуми пренесуваат дека според студија на Институтот за градежништво на Хрватска, која градот Загреб ја нарачал уште пред две години, дури шест од осум загрепски моста би требало да бидат итно санирани.

Студијата покажала дека најопасен е Мостот на слободата, од кој уште од 2015 година се отцепуваат камени блокови. Градот Загреб на почетокот на годинава распиша тендер за обнова на овој мост, вреден 19 милиони куни, но до денес работата не започнала.

- Од 2000 година на државно ниво се носат четиригодишни планови за градење и одржување на јавните патишта, каде што спаѓаат и мостовите, тунелите, надвозниците и подвозниците и тука ситуацијата е добра бидејќи редовно се врши контрола. Проблем се единиците на локалната самоуправа бидејќи ние немаме увид во состојбата на нивните сообраќајници. Поттикнато од трагедијата во Џенова, министерството сега ќе бара од големите градови да ни ги достават своите планови за одржување - вели Жељко Ухлир, државен секретар во хрватското министерство за градежништво и просторно уредување.

Според него, градовите се обврзани да ја одржуваат својата инфраструктура, но проблем е тоа што државата нема контрола над нив бидејќи не се опфатени во владините програми и нема увид во состојбата.

- Најголем е проблемот во Загреб бидејќи тој има најмногу такви инфраструктури. Загрепските мостови се градени меѓу 50-тите и раните 60-ти години, а не се сеќавам во последните 20 години да сме имале некоја голема санација - вели тој.

Фото: Novac

Ухлир додава дека освен на Мостот на слободата, студијата покажала дека итна санација е потребна и на Мостот на младоста, Домовински мост, Јанкомирски мост, пешачкиот Савски мост и на клучката кај Држиќева.

Савскиот мост е пешачки мост кој е најстар. Изграден е во 1938 година. Неодамна е среден асфалтот, но не се работело на подобрување на безбедноста.

- Мостовите се градени за сто години, но би требало редовно да се контролираат за да се избегнат вакви трагедии како во Џенова. Мислам дека градовите би требало да имаат програми за одржување, како што имаме за јавните, државни патишта - вели Ухлир и додава дека таквите градби се подложни на разни оштетувања и ако тоа се занемари, може да има поголем проблем.

Во меѓувреме, алармот се вклучи и во Германија. Федерацијата на германски индустрии (БДИ) предупреди дека Германија мора да го забрза процесот на модернизација на старите мостови.

- Благодарение на силниот раст на приходите од даноци, обновата на мостовите во состав на автопатиштата не е прашање на пари, туку стана прашање на време - истакнаа од БДИ.


Мостот Хохенцолерн во Келн
Фото: Novac

Рокот на траење на мостовите изградени во 60-тите години од минатиот век беше снижен поради зголемена фреквенција, а тоа особено важи за голем број мостови од армиран бетон.

Така, на 120-те километри автопат А45, кој минува низ германската сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија, се наоѓаат 32 моста, кои мора да бидат обновени во следните 15 до 20 години.

Од БДИ истакнаа дека постапката за одобрување на работите на мостовите мора да се забрза, особено кај оние мостови што мора целосно да бидат заменети.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот