X
 06.12.2023 Култура

Нов документарен филм на „Нетфликс“ за хирург-измамник кој експериментирал на пациентите

На „Нетфликс“ излезе шокантен документарен филм „Лош хирург“ (Bad surgeon) за случај кој се случил пред десетина години. Тој се фокусира на светски познатиот, а тогаш и признаен хирург Паоло Макијарини.

Овој италијански торакален хирург зборувал шест јазици и имал успешна кариера, пари, љубов, слава и бил почитуван во целиот свет. Меѓутоа, неговиот идентитет бил резултат на многу лаги, измами и дела кои предизвикале повеќе смртни случаи.

Тој станал светски познат поради пионерската употреба на пластичен душник со кој би се намалила потребата за донирање човечки органи. Институциите му нуделе финансии, а пациентите го барале, додека новинарите можеле да сонуваат за интервју со него. Тој имал цел - еден ден да ги замени сите органи во човечкото тело со пластични импланти обложени со матични клетки.

Меѓутоа, кога некои од неговите пациенти починале по само неколку недели или месеци од операцијата, се појавила загриженост. Негови колеги се посомневале дека тој лаже за успешноста на операциите. Речиси сите пациенти полека се задушувале и умирале од глад бидејќи душниците престанувале да функционираат и почнувале да гнијат во организмот.

Во документарниот филм се открива дека хирургот ја лажел и својата свршеница, која набргу дознала дека тој веќе бил во брак. Неговата сопруга дознала за вонбрачната врска кога открила нивни фотографии. Во 2016 медиумите почнале да известуваат за измамите на хирургот. Во 2022 година тој бил прогласен за виновен за телесни повреди во Шведска и му била изречена условна казна.

Меѓутоа, во јуни годинава обвинителите се жалеле на пресудата и Макијарини бил осуден на затвор од две и пол години поради предизвикување смрт на три лица од 2011 до 2014 година. Според пресудата, пациентите можеле да живеат многу долго без интервенција, а починале во мака поради вграден имплант од докторот.


Извор: Klix
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура