X
 21.02.2018

Што ако имате работа од соништата, а шеф од пеколот?

шеф
Фото: Pixabay

Едно истражување покажало дека вработените ја менуваат работата без разлика дали имаат добар или лош менаџер. Истражувањето било спроведено на околу 700 вработени во голема компанија што се занимава со информатичка технологија, а го испитувало задоволството на вработените од менаџментот на компанијата. Некои од тврдењата на испитаниците биле: со мојот шеф знам на што сум или мојот шеф ги разбира моите потреби и потребите на мојата работа.

По 18 месеци биле интервјуирани испитаниците што ја напуштиле компанијата - 12 од нив. Резултатите покажале дека помеѓу вработените што ја напуштиле компанијата имало голем број од оние што биле задоволни од своите шефови. Вработените што имале добри менаџери дури во поголем број ја напуштале компанијата. Едно од објаснувањата зошто ова се случува е тоа што вработените со добри менаџери подобро си ја извршувале работата, подобро ја учеле работата, преземале поголема одговорност и со самото тоа станувале и подобри кандидати за други работни места со подобра плата.

Што да правите ако ја имате работата од соништата, но шеф од пеколот?

Првиот чекор е да размислете што е тоа што го сакате од менаџерите, како и кои минимални услови ги сакате од односот со нив. Можеби вашиот шеф не е несоодветен, туку се разидувате во потребите - на некој му е потребен директен, вклучен менаџер, а на некој менаџер што ќе стои настрана и ќе ги остави вработените да си ја работат работата, а ќе им биде и поддршка. Кога ќе ги преиспитате сопствените потреби, дефинирајте што ви смета кај вашиот менаџер - самите квалификации „добар“ и „лош“ често не кажуваат ништо, односно не го дефинираат проблемот на начин на кој би можел да ни помогне да го решиме.

Винит Најар, успешен деловен човек и автор на книгата „Вработените на прво место, а клиентите на второ: како да го промените конвенционалниот менаџмент“, на својот блог наведува дека постојат три вида менаџери кои, од гледна точка на вработените, можеме да ги сметаме за „лоши“, односно чиј менаџмент лошо влијае врз продуктивноста и задоволството на вработените. Најар оваа „типологија“ ја извел од сопственото богато искуство во деловниот свет. Еден од несоодветните типови менаџер е неодлучниот шеф - ваквите типови менаџери не се способни да донесат одлука, без разлика дали причината е перфекционизам или тоа што ги парализира чувството на несигурност или затоа што едноставно им одговара статус кво. Вработените не сакаат вакви претпоставени бидејќи грешката може да се поправи, но со неодлучност навистина не знаат што да прават. Од друга страна, постои и несигурниот тип шеф: менаџерите би требало да ги мотивираат своите вработени, а не да се натпреваруваат со нив. Сепак, многу шефови всушност не ги поттикнуваат талентите на своите вработени поради сопствените несигурности. Типот шеф „сезнајко“ мисли дека знае сè, дека е единствениот што воопшто го интересира успехот и постојано се фали со неговите претходни успеси и верува дека без него тимот ќе се распадне.

Најар дава препораки како да се справите со овој тип шефови, а една од главните е: разговарајте. Понекогаш на менаџерот му се потребни луѓе од доверба со кои ќе разговара пред да одлучи. Така, на пример, не треба да се чека неодлучниот шеф да донесе одлука и наместо да се притиска што побрзо да донесе одлука, би било корисно да го вклучиме во дефинирањето на проблемот. Најар го цитира и Ајнштајн: „Кога имам недела дена да го решам невозможниот проблем, поминувам шест дена дефинирајќи го, а седмиот ден решението станува очигледно.“

Со несигурните менаџери потребно е да се разбере коренот на проблемот. Менаџерите често се под поголем притисок отколку вработените: без оглед на видот на компанијата во која работите, секогаш постојат незавршени проекти, неисплатени средства и рокови што можат да го направат анксиозен. Затоа е важно да не реагирате агресивно, туку да бидете отворени за соработка. Имајте на ум дека несигурноста често е одраз на недостиг на самодовербата, така што е потребно да ја побарате посилната страна кај вашиот менаџер наместо да се чувствувате загрозени од неговите слабости.

Што се однесува до „сезнајковците“, со овие шефови потребно е вашите најдобри идеи да ги претставите како делумно да настанале од соработката со нив, односно дека тие го извлекле најдоброто од вас.

Во секој случај, бидете отворени со вашиот шеф. Понекогаш менаџерите се анксиозни бидејќи претпоставуваат некои скриени намери, а единствениот противотров за ова е довербата што се гради исклучиво низ отвореност. Потрудете се да споделите што повеќе информации.

Можеби овие совети ќе ви звучат премногу, меѓутоа, ваквиот пристап е освежувачки затоа што ја исклучува позицијата на беспомошност и ги соочува вработените со избори што се пред нив: или чекајте некој друг да ви ги среди работите или активно вклучете се во решавањето на проблемите, особено ако си ја сакате работата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk