X
 18.02.2021 Здравје

Зошто Израел добива вакцини од „Фајзер“ додека другите држави чекаат?

Израел е светски лидер во вакцинирање на своето население против Ковид-19. Успехот на Израел лежи во уникатниот договор кој државата го направила со „Фајзер“, пишува „Дојче веле“.

Досега над 3,67 милиони Израелци ја добиле првата доза од вакцината на „Фајзер“ и „Бајонтек“ од почетокот на вакцинацијата, на 20 декември. Ова е околу 40% од населението во државата. Над 28% ја примиле и втората доза, а кај лицата над 60 години овој процент надминува 80%.

Секој над 16 години може веднаш да се вакцинира бидејќи Израел има повеќе вакцини отколку што ѝ се потребни, па затоа вакцината на „Модерна“ повеќе не се користи во државата.

Вакцинацијата во Израел покажува резултати бидејќи бројот на заразени лица опаѓа, особено кај лицата над 60 години, според прелиминарни податоци од Институтот „Вајзман“. Кај постарите лица има намалување на новите случаи од 56%, 42% помалку хоспитализации и 35% помалку смртни случаи.

Како Израел успева да добие толку вакцини?

Одговорот е во специјалните услови договорени со добавувачите. За разлика од ЕУ, Израел јавно го објавила договорот со „Фајзер“, а според него, земјата плаќа повеќе за вакцините отколку ЕУ. Израел плаќа 23 евра за една доза од вакцината на „Фајзер“, додека ЕУ плаќа 12 евра за доза.


Фото: Ерусалим/Pixabay

Покрај тоа, Израел ја презема одговорноста за можните последици од вакцината. Од друга страна, во договорот на ЕУ одговорноста останува на „Фајзер“ и „Бајонтек“.

Најважниот дел од договорот помеѓу Израел и „Фајзер“ се однесува на податоците за вакцините што државата треба да ѝ ги испраќа на фармацевтската компанија на неделно ниво. Овие податоци се поврзани со бројот на заразени лица и вакцинирани жители, како и демографски податоци за пациентите: возраст и пол. Овие податоци се испраќаат до „Фајзер“ анонимно. Здравствениот систем во Израел е дигитализиран, па овие податоци лесно им се достапни на властите.

„Фајзер“ ги користи овие податоци за проверка на ефикасноста на вакцината, а за возврат треба да ѝ доставува вакцини на Израел додека не се вакцинираат 95% од населението.


Фото: Pixabay

Попуштање на мерките во Израел

Бројот на заразени лица во Израел сè уште е голем (приближно 400 позитивни случаи на 100.000 луѓе), но тој се намалува поради вакцинирањето, па затоа Израел почна да ги олабавува мерките за ограничено движење. Продавниците и другите бизниси повторно се отворени, а жителите може слободно да патуваат низ земјата. Властите очекуваат поголемо намалување на новите случаи на заразени лица во следниот период.

Помладите лица се поскептични

Младите Израелци помалку сакаат да се вакцинираат отколку постарите, а поради тоа, првпат во пандемијата во болниците во земјата има хоспитализирано повеќе луѓе под 60 години отколку лица над 60 години. Владата размислува за воведување систем за доделување бонуси за оние што ќе се вакцинираат или да ги казнува лицата што ќе одбијат вакцина.

Автор: Александар Фронд
Извор: dw.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје