Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека Израел и Хамас се согласиле на првата фаза од неговиот план за примирје во Газа во 20 точки. Првобитниот договор соопштен во четвртокот треба да доведе до ослободување на сите израелски заложници и стотици палестински затвореници, повлекување на израелските сили и влез на хуманитарна помош во Газа. Деталите и временската рамка сè уште не се јасни. Овој договор е само почетна фаза, додека многу детали за тоа што ќе се случува понатаму во Газа треба да се утврдат.
Кој ќе управува со Газа според планот на Трамп?
Во планот на Трамп се предлага со Газа да управува привремен преоден одбор на палестински технократи кои ќе го надгледуваат „Одборот на мирот“, на чие чело и чиј претседавач ќе биде Доналд Трамп, со учество на поранешниот британски премиер Тони Блер.
Според планот објавен од страна на тимот на американскиот претседател, управувањето со Појасот на крајот ќе ѝ биде предадено на палестинската управа кога власта ќе заврши со реформите. Хамас нема да има улога во владеењето со Газа - ниту директно ниту индиректно, пренесува Би-би-си.
Во планот е наведено дека на членовите на Хамас ќе им биде понудено помилување ако покажат посветеност на мирната коегзистенција или ќе им биде обезбедено сигурно преминување до други земји.
Што точно ќе значи тоа за жителите на Газа?
Договорот стапува во сила 24 часа од одобрувањето на израелскиот кабинет, соопшти портпаролка на израелската влада во четвртокот.
Хју Ловат, виш соработник за политика при експертската група на Европскиот совет за надворешни односи во Лондон, вели дека најпросто гледано, договорот за примирјето треба да значи дека жителите на Газа „веќе нема да стравуваат за своите животи“.
-Три нешта: дека нема да бидат убиени, дека нема да бидат раселени и дека нема да гладуваат - се најважните три критериуми во овој момент за жителите на Газа. По личната безбедност и кога еднаш ќе се вратат во домовите, тогаш тие, секако, ќе посветат внимание на тоа како може да си ги обноват животите - вели Ловат.
Џума Рамадан Абу Амо, жител на Газа, за Би-би-си на арапски изјавил дека првото нешто што ќе го направи е да почне да ги отстранува рушевините од куќата за да ги извлече телата на баба му и дедо му.
- Потоа ќе почнеме одново да ја градиме куќата. Со божја помош ќе ја обновиме цела Газа и ќе се врати подобра отколку што беше - изјавил тој.
Во израелскиот воен одговор на нападите од 7 октомври 2023 беа уништени поголемиот број згради и инфраструктурата во Газа. Во војната загинаа повеќе од 67 илјади Палестинци, најмногу цивили, а меѓу нив и повеќе од 18 илјади деца, според Министерството за здравство што Хамас го води во Газа. Обединетите нации и другите меѓународни тела сметаат дека оваа статистика е веродостојна.
Што е со хуманитарната помош?
Планот на Трамп во 20 точки опфаќа понатамошно испраќање „целосна помош“ во Појасот Газа, каде што експертите во август потврдија дека има глад. Во планот се наведува дека количината треба да е доследна на она што е утврдено во договорот од 19 јануари 2025 година, кога станува збор за хуманитарната помош.
Новинската агенција Ројтерс цитираше израелски претставници кои велат дека секој ден ќе бидат испорачувани пратки во 600 камиони. Агенцијата наведе и палестински извор кој истакнал дека на почетокот дневно ќе има минимум 400 камиони, а дека тој број потоа постепено ќе се зголемува.
Сепак, Ловат нагласува дека мора да постои безбедно опкружување во кое претставниците на хуманитарните агенции ќе се чувствуваат сигурно додека работат.
Планот на Трамп не дефинира што ќе се случи со Хуманитарната фондација во Газа, која го замени претходниот систем за распределба на храна на ОН.
Ќе издржи ли договорот?
Овој договор е најголем напредок постигнат од двете страни од почетокот на војната. Но, мировниот план на Трамп е само рамка изложена на неколку страници, нагласува дописникот на Би-би-си од Ерусалим, Том Бенет. Тој вели дека сè уште има пречки што мора да се надминат, а во нив спаѓа и клучното израелско барање за разоружување на Хамас, како и размерите на израелското повлекување и планот за тоа кој ќе владее со Газа.
Ловат смета дека првата фаза од планот може да се спроведе, но е малку извесно што ќе се случува потоа, во голема мера поради израелските црвени линии.
- Нетанјаху рече дека нема да има целосно повлекување на Израел од Газа и дека нема да има палестинска држава. Тоа очигледно се две големи пречки во примената на овој план и затоа ќе биде тешко да се одржи палестинската посветеност на планот ако Израел во најскоро време не се повлече од Газа - вели тој.
Извор:
BBC
Фото: Freepik