X
 18.05.2018 Образование

Говорите од Ораторскиот натпревар организиран по повод Денот на Европа

Студентите Снежана Секуловска од Правниот факултет и Ирена Димовска-Митревска од Педагошкиот факултет од УКЛО се наградени со второ и трето место на Ораторскиот натпревар организиран по повод Денот на Европа - 9 Мај. Tрадиционалниот настан се одржа во рамките на Студентскиот собир што ги обединува студентите од сите универзитети во државата. Тие дебатираа и ги одмеруваа ораторските вештини на тема: „Мојата порака до Европа“.

1

Ова се нивните говори со кои зедоа учество и освоија награди.

Снежана Секуловска, Правен факултет, УКЛО: Quo Vadis студенту? Правата на студентите во 21 век  

Quo Vadis studenty?  Каде одиш студенту?  Каде те водат твоите несигурни чекори низ мракот?  Каде те водат твоите илузии низ маглата што веќе 27 години вештачки се произведува во политичките кујни?  Зарем не го препозна отровниот рецепт кој ги парализира твоите интелектуални капацитети?  Како не го препознавме  отровот кој по системот капка по капка со години ја труе нашата крв и ја пасивизира до степен на активност еднаков на активноста на една амеба.  

Заборави ли студенту дека крвта на студентите е гориво на општеството?  Како се помиривте да живеете во општество кое вашите соништа и вашите студентски права ги дроби како да се инсекти и ги претвора во пепел? Пепелта во која засекогаш се закопуваат нашите највисоки идеали,  нашите визии,  нашите надежи? Денешниот македонски студент не може ни да ги замисли студентските права во 21 век за кои се изборија претходните генерации,  quo vadis,  студенту?  Целата младешка бунтовност и немир ги трошиме  во кафулиња и на студентски забави секој вторник во Расчекор,  дозволувајќи некој друг да господари со нашата судбина. Да драги колеги,  дозволивме некој друг да си игра со нас како да сме пластелин. Нашите иницијативи се вистинска реткост, а кога срамежливо ќе се појават се движат како пијан полжав. Нашата енергичност дозволивме да биде сведена на степен на енергичност на робот,  играчка кој работи на стари батерии.  Нема борбеност,  нема страст за подобар живот во нашите најубави години. Со години,  па дури и со децении Македонија не може да се мрдне од мртва точка во ниту една сфера од животот.  Се помиривте  да бидете затворени во слобода. Нашата ударна тупаница која треба да биде водечка сила во општеството е заробена, окована и омекната. На секојдневна основа се перат нашите мозоци од разни режими, се додека од нашиот ум не се исцеди и последната капка на животна енегрија и  интелегенција.
 
Во нашата држава врските се ставени на највисок пиедестал. Одливот на мозоци почнува да добива драматични размери,  но ни тоа не ги освестува политичките елити, оние политички елити кои што не претворија во вакви егоистични суштества свртени еден против друг,  оние политички елити кои што огромното значење на статусот студент го сведоа на обичен број на индекс, истите тие кои не доведоа до тоа единствениот излез да го гледаме надвор од нашата татковина. Homo homini lupus est,  драги колеги. За жал човек на човека му е волк. Затоа историјата е полна со крв. А што правиме ние наместо да бидеме промената која што сакаме да ја видиме, ние само си молчиме.   

Вашата пасивност ме потсетува на приказната за орелот и кокошките. Некој Индијанец украл едно јајце од гнездото на некој орел и си поиграл со судбината на неродената птица, оставајќи го јајцето од кое требало да се роди орел меѓу јајцата на некоја кокошка. Орелот пораснал заедно со пилињата и се однесувал како пиле. Кога еден ден видел како некој орел лета високо на небото ја прашал кокошка зошто и тие не летат високо над облаците. Кокошката му рекла дека нивните крилја не се родени за да летаат, дека некои птици никогаш не полетуваат. Орелот слепо ги прифатил како вистински зборовите на кокошката и никогаш не го предизвикал нејзиниот став. Целиот живот ги гледал небесните птици, но никогаш не се обидел да лета. Ние студентите не смееме да дозволиме туѓите убедувања да ни ги скршат крилјата.  Јас, ти сите ние мора да го браниме својот идентитет и своите права непоколебливо,  незапирливо без страв и сомнеж во име на правото и правдата  до последен здив зашто само така ќе имаме мирен сон на очите .  Ајде станете сите ние да излеземе од комфор-зоната,  бидејќи подобро еднаш орел,  одколку целиот живот кокошка.  Живеејќи во труло општество кое пука по сите шавови,  го чекаме светлото на крајот од тунелот, се надеваме на подобро утре, нели што е човек без надеж?!  Но не заборавајте драги колеги дека некогаш светлото на крајот на тунелот е светло на локомотива.

Ирена Димовска Митревска, Педагошки факултет, УКЛО: Quo Vadis студенту? Правата на студентите во 21-от век

Quo vadis веднаш ми буди мноштво асоцијации. Каде одиш, која ти е иднината, која ти е сегашноста, што можеш да сториш  сега за да имаш поубава иднина?  Или прашањето упатено од Апостолот Петар кон Христа, кој пак, со својот одговор го врати во Рим за да го спаси својот народ. Или Кво вадис апропо воинот Маркус кој се враќа во Рим и го затекнува под власт на лудиот и декадентен император Нерон, за низ љубов и христијанство да го одбере правилниот пат кон вистинските вредности. Во свет кој за жал нема недостаток од луди императори секогаш треба да се зборува каде одат студентите, кон што се насочени нивните амбиции и кои се нивните права.

Можев генерализирано да зборувам за правата на студентите, наместо тоа јас  одбирам да се фокусирам на едно конкретно право – правото на студентите на знаење. Го користам правото на говор, да се посветам на ова прашање. Впрочем, кога студирањето завршува, знаењето е тоа кое отвора перспективи и не подготвува за животот. Зошто во моментот кога ќе излеземе од сигурните прегратки на факултетот, кој сега ни изгледа како некоја тешка планина за искачување, доаѓа вистинскиот свет полн со предизвици и секојдневни вертикали за качување, а верувајте ми без знаењето дипломата е само лист хартија.  Стапувајќи во академскиот свет бруцошите веќе направиле исчекор кон својата посветла иднина, се извишиле над медиокритетот. Оваа мисла ме носи во минатото и раскажувањата на дедо ми; педесеттите години на минатиот век, време кога слободата била пресна, а желбата за знаење и напредок претставувала страст. Тогашните студенти имале една изрека со која изразувале жалење за времето одделено од младешкиот порив, посветено на науката, и радост за безвременото траење на придобивките од науката. Стекнатото знаење не е само наша лична придобивка, туку и општествено-универзална вредност. Зошто и после нас ќе дојдат генерации кои како колеги ќе учат од нас, без оглед дали сме просветители или не. Колосалната улога на знаењето е да ги издигне човека до интелектуалните и духовните височини и да го направи подобар од што бил, да го направи светот подобар од што бил.

Затоа истражувајте, прашувајте, дискутирајте. Нашите професори со задовoлство ќе ни помогнат – ова се однесува на добрите професори, оние кои во себе сеуште го носат оној почетен жар за наука и учење, за подучување и напредок што ги довел таму каде што се. Професори кои искрено би сакале да бидат надминати од своите студенти.

Нашето време допрва почнува и ве повикувам сите да престанеме само да зборуваме за сето она што ни пречи во општеството и во светот.  Да почнеме да го менуваме еден по еден, ден по ден со дела кои ќе го унапредат, водени од светлината на знаењето. Можеби се чувствуваме мали и незначајни – да се ослободиме од тоа чувство на немоќ. Да знаеме дека имаме права!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование