X
 18.05.2020 Живот

Еколозите предупредуваат: Следната пандемија би можела да започне од амазонските прашуми

Следната пандемија би можела да започне од амазонските прашуми, предупредува бразилскиот еколог Давид Лапола и тврди дека човековото посегнување по животинските живеалишта таму ги преминува сите граници поради недозволеното сечење на шумите. Научниците велат дека урбанизацијата на некогашната дивина придонесува кон појавата на зоонози, односно болести кои од животните преминуваат кај луѓето.

Тука спаѓа и новиот коронавирус, за кој се претпоставува дека од лилјак преминал кај човек во кинеската провинција Хубеј, која брзо се урбанизира, најверојатно преку трет вид. Лапола, кој проучува како човековата активност ги преобликува екосистемите во тропските шуми, тврди дека истите процеси се одвиваат во Амазонија.

- Амазонија е голем резервоар на вируси. Подобро да не ја предизвикуваме среќата - вели тој.


Амазонија исчезнува со вознемирувачка брзина

Најголемата светска прашума исчезнува со вознемирувачка брзина. Минатата година, прва во претседателскиот мандат на десничарот и климатскиот скептик Жаир Болсонаро, кој сака да ги отвори некогаш заштитените домородни подрачја за рударење и земјоделие, дефорестацијата на Амазонија значително се зголеми. Трендот продолжува и оваа година. Од јануари до апрл збришани се 1.200 квадратни километри шума, што е нов рекорд за 4-месечен период, покажуваат податоците од бразилскиот Национален институт за истражување на вселената.

Соголената површина вкупно надминала 10.000 квадратни километри. Тоа се лоши вести, не само за планетата, туку и за здравјето на луѓето, предупредува Лапола, кој дипломирал на институтот „Макс Планк“ во Германија, а сега работи на бразилскиот универзитет „Кампинас“

- Кога ќе создадете еколошка нерамнотежа, тогаш вирусот може да премине од животни кај луѓе - вели тој.


Слично беше и со појавата на ХИВ

Слично нешто веќе се случи при појавите на ХИВ, ебола и денга грозницата.

- Тие вируси се појавија и раширија поради еколошките нерамнотежи - вели Лапола.

Досега повеќето такви епидемии беа концентрирани во јужна Азија и во Африка. Големиот биодиверзитет во Амазонија би можел да го претвори тој регион во најголемиот светски базен на коронавируси, истакна Лапола, мислејќи општо на коронавирусите, а не само на предизвикувачот на постоечката пандемија.

- Тоа е уште една причина Амазонија да не се користи ирационално, како што правиме сега. Мораме да го промениме односот меѓу нашето општество и прашумите, инаку на светот му следува уште една пандемија со непредвидливи исходи. Подобро да играме на сигурно - потенцира тој.

Извор: Telegram
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот