X
 18.11.2025 Живот

Истражувачи открија подводен град што личи на Атлантида: „Ова било огромен трговски центар“

Под површината на едно од најдлабоките езера во Азија археолозите открија траги од мистериозен град кој бил изгубен со векови - и кој, според првичните процени, би можел да биде еден вид азиска верзија на „Атлантида“. Откритието предизвика голем интерес бидејќи дава нови одговори за трговските патишта, културните размени и катастрофата што го избриша градот од лицето на земјата.

Археолози од Руската академија на науките и Националната академија на науките на Киргистанската Република објавија неверојатно откритие: „траги од потонат град“ се пронајдени под површината на езерото Исик Кул во Киргистан, кое, според првичните процени, може да се спореди со легендарната Атлантида.

Езерото Исик Кул е осмото најдлабоко езеро во светот, сместено во западниот планински венец Тјаншан и историски служело како едно од клучните места за одмор на Патот на свилата - трговски пат што ги поврзувал Истокот и Европа.


Први докази: средновековни згради, воденица и муслиманска архитектура

Истражувачкиот тим испитал четири подводни зони и пронашол значајни археолошки траги во секоја од нив.

Во првата зона се пронајдени згради од тули и остатоци од мелница за брашно. Втората зона открила камени конструкции, дрвени греди и – едно од најважните откритија – муслиманска некропола. Во третата зона беа пронајдени траги од проширување на населбите, вклучувајќи средновековни гробишта. Четвртата зона откри тркалезни и правоаголни згради направени од тули, што истражувачите ги поврзуваат со значајниот урбан развој на градот.

- Ова било голем трговски центар. Локацијата што ја проучуваме била град или голем трговски центар на клучен дел од Патот на свилата - тврдат научниците.

Руското географско друштво, исто така, ги потврди наодите, наведувајќи:

- Сето ова потврдува дека тука навистина постоел антички град.

 
Како градот завршил на дното на езерото?

Една од најголемите мистерии е како целиот град завршил под вода. Иако езерото Исик Кул нема природен излез, нивото на водата се зголемува со векови, особено од средниот век. Научниците веруваат дека градот исчезнал во 15 век поради природна катастрофа. Теоријата потсетува на трагедијата во Помпеја.

- Според нашата процена, во времето на катастрофата жителите веќе ја напуштиле населбата - сметаат истражувачите.

Според нив, целиот регион бил погоден од серија земјотреси што го уништиле градот, а промените во населението по катастрофата укажуваат дека средновековната цивилизација во областа целосно се распаднала. По земјотресот, луѓето се преселиле на бреговите на езерото, каде што сега се наоѓаат неколку мали села.

Потврда за изгубена цивилизација?

Откритието би можело целосно да го промени историското разбирање на овој дел од Патот на свилата. Истражувачите веруваат дека населбата била меѓу клучните трговски центри во регионот, но сега лежи скриена на дното на езерото повеќе од 500 години.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот