X
 18.11.2025 Живот

Пентагон троши милиони на хакери со вештачка интелигенција

САД тивко инвестираат во агенти за вештачка интелигенција за сајбер-војна. Потрошиле милиони долари оваа година на таен стартап кој користи вештачка интелигенција за да изврши офанзивни сајбер-напади врз американските противници.

Тајниот стартап „Твенти“ (или XX) со седиште во Арлингтон, Вирџинија, летово потпиша договор со Американската сајбер-команда во вредност од 12,6 милиони долари, според федералните договорни записи. Доби и договор за истражување на морнарицата од 240.000 долари. Компанијата е поддржана од инвестицискиот фонд „Ин-кју-тел“, непрофитен фонд основан од ЦИА.

Невообичаени зделки и реклами

Иако компанијата сè уште не е јавно објавена, на веб-страницата се наведува дека нивната цел е да ги трансформираат работните процеси што некогаш барале недели мануелна работа во автоматизирани, континуирани операции на стотици цели истовремено. „Твенти“ тврди дека тоа фундаментално го менува начинот на кој САД и нивните сојузници се вклучуваат во сајбер-конфликти.

Нивните огласи за работа откриваат повеќе детали. Во еден од нив компанијата бара директор за офанзивно сајбер-истражување кој ќе развива напредни офанзивни сајбер-способности, вклучувајќи рамки за патеки на напад, како и алатки за автоматизација на вештачката интелигенција. Огласите за инженери за вештачка интелигенција покажуваат дека „Твенти“ планира да користи отворени алатки за вештачка интелигенција. Тоа овозможува работа на повеќе автономни агенти за вештачка интелигенција. Во огласот за аналитичар се вели дека тој ќе работи на „развој на личноста“. Владата често користи социјален инженеринг за сајбер-напади, потпирајќи се на веродостојни лажни онлајн сметки за да се инфилтрира во непријателски заедници и мрежи.


Кој стои зад „Твенти“

Извршниот тим на „Твенти“, според веб-страницата на компанијата, е полн со поранешни воени и разузнавачки лица. Директорот и коосновач Џо Лин е поранешен офицер во резервната морнарица на САД и поранешен потпретседател за управување со производи во сајбер-гигантот „Пало Алто нетворкс“. Техничкиот директор Лео Олсон, исто така, бил офицер за сигнално разузнавање во американската армија. Потпретседателот за инженерство Скајлер Онкен поминал повеќе од една деценија во Американската сајбер-команда и американската војска. Шефот на владини односи Адам Хауард работел на Капитол Хил со години.

Владата на САД не е сама во користењето на вештачката интелигенција за развој на своите хакерски способности. Гигантот за вештачка интелигенција „Антропик“ објави алармантна студија. Кинеските хакери ги користеле нивните алатки за сајбер-напади. Компанијата соопшти дека хакерите го користеле „Клод“ за да создадат агенти на вештачка интелигенција кои извршиле 90 % од работата во извидувањето цели и осмислувањето методи на напад.

Можно е САД да го користат и „Опен АИ“, „Антропик“ или „xАИ“ на Елон Маск за офанзивни сајбер-операции. Министерството за одбрана им додели на секоја од овие компании договори во вредност до 200 милиони долари, за неодредени проекти за „гранична вештачка интелигенција“. Ниту една од компаниите не потврди што прави за Пентагон.

Со оглед на фокусот на „Твенти“ на истовремено напаѓање стотици цели, нивните производи изгледаат како голем чекор напред во автоматизацијата на сајбер-војната. Вештачката интелигенција многу почесто се користи во одбраната, особено во корпорациите.

Извор: forbes.n1info.rs

Фото: YouTube screenshot/Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот