X
 19.04.2024 Живот

Подобри плати, подолг годишен одмор: Три европски земји каде што луѓето се посреќни од порано

Скандинавските земји како Финска, Данска, Исланд и Шведска традиционално, секоја година, се на наоѓаат на врвот на Светскиот извештај за среќа, но нов европски регион исто така се најде на врвот на Светскиот извештај за среќа оваа година. Чешка, Литванија и Романија се особено високо на листата со најсреќни кога е во прашање среќата на луѓето помлади од 30 години.

Во последните три години земјите од Централна и Источна Европа ги надминаа некои од нивните западноевропски соседи во однос на севкупната среќа. Во топ-20 годинава првпат влегоа Чешка и Литванија. За споредба, Германија се најде на 24. место, Шпанија на 36. место и Италија на 41. место. Некои од причините за скоковите во Литванија, Романија и Чешка на скалата на среќа се отворањето нови можности за работа на младите и зголемувањето на приходите.

- Покрај економскиот раст, овие земји инвестираат во инфраструктурата, ја зајакнуваат својата културна сцена и ги искористуваат своите прекрасни природни убавини. Резултатот е чувство на оптимизам и возбуда кај локалното население - пишува Би-би-си.

Литванија

1
Фото: Freepik

Рангирана на 19. место во Извештајот за среќа, Литванија забележа значителни подобрувања во квалитетот на животот во текот на изминатите децении.

И покрај војната во Украина и мрачните сценарија за немири кои се шират во балтичките земји, се чини дека луѓето во Литванија уживаат и го ценат животот повеќе од порано. Една од предностите на живеењето во Литванија е бројот на денови за породилно отсуство што мајките и татковците ги имаат на располагање за да се грижат за своите деца - породилното отсуство е едно од најдолгите во светот (до 126 платени дена за мајките и 30 дена за татковците). Живата културна сцена во Вилнус, близината до природата и многубројните патеки за пешачење се исто така причини за среќа.

Романија

2
Фото: Freepik

Иако се наоѓа на 32. место во Извештајот за среќа, Романија забележа еден од најголемите скокови во последната деценија: од 90. место пред 11 години.

Експертите го припишуваат овој оптимизам на поголемата слобода и подобрите можности. Романија, на пример, инвестираше многу во инфраструктурата, вклучително и изградба на автопат долг 1.700 километри, сето тоа со многу побрзо темпо од очекуваното. Ако одлучите да ја истражувате Романија, можете да се упатите кон Трансилванија, да го посетите Клуж-Напока (вториот најнаселен град во земјата) и да уживате во средновековните замоци, а потоа да се упатите 270 километри јужно до шармантниот Брашов, опкружен со планини.

Чешка Република

praga
Фото: Freepik

Чешка е рангирана на 18. место во Извештајот за среќа и на 10. место меѓу испитаниците на возраст под 30 години. Причините за тоа може да се најдат во разновидната културна сцена, особено во Прага, каде што младите се дружат во паркови, пабови и кафулиња, како и во политиката која на Чесите им дава солиден број денови за годишен одмор и породилно отсуство, како и добра здравствена заштита.

Многу вработени можат да сметаат на попусти за спортски активности, масажи и велнес. За да ја доживеете Чешката Република, не задржувајте се само во Прага. На половина час од главниот град ќе најдете возбудливи замоци и недопрена природа. Помалите градови како Оломоуц, Брно и Пилсен ви овозможуваат да истражувате како живее локалното население, а доколку сакате пиво, добро би било да ги посетите пиварниците кои се чести во оваа земја.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот