X
 19.05.2024 Здравје

Необјаснивото губење на тежината и причините што може да го предизвикаат

Иако е добро да ја држите вашата тежина под контрола, необјаснивото губење на килограмите може да биде причина за загриженост. Во таква ситуација, мораме да ја истражиме причината бидејќи тоа може да укаже на состојба која го уништува и физичкото и менталното здравје. Ненамерното губење на тежината може да изгледа како нешто добро за вас, но истражувањето на можните причини е исклучително важно.

Што е необјасниво губење на тежината


Според студијата објавена од „Пабмед журнал“, најмалку 72 проценти од пациентите што доживуваат необјасниво губење на тежината страдаат од основна медицинска состојба. Затоа секогаш треба да се консултираме со лекар ако ненамерно слабееме.

Забележливото намалување на телесната тежина што се јавува дури и кога личноста не се обидува да изгуби тежина е познато како необјасниво губење на тежината. Тоа не се должи на диета, вежбање или промени во животниот стил. Неопходна е процена од лекар ако изгубите повеќе од 5 проценти од вашата тежина за 6 до 12 месеци без да сте се потрудиле. На пример, губењето на тежината од 5 проценти кај некој што тежи 72 килограми е 3,6 килограми, објаснува д-р Тушар Тајал, специјалист по интерна медицина.

Кои се причините за необјаснивото губење на тежината

Постојат неколку причини за необјаснивото губење на тежината, а некои од главните, според д-р Тајал, се следните:

Хипертироидизам или хиперактивна тироидна жлезда


Тироидната жлезда произведува хормон тироксин, кој го контролира метаболизмот. Понекогаш автоимуните нарушувања или вирусните инфекции на тироидната жлезда може да предизвикаат таа да стане прекумерна активна, што доведува до хиперпродукција на хормонот тироксин или хипертироидизам, што може да предизвика значително губење на тежината.

Дијабетес


Постојат два главни типа дијабетес: тип 1, автоимуна состојба и тип 2, кој обично се јавува подоцна во животот како резултат на неправилна синтеза или преработка на инсулин. Гестацискиот дијабетес е трет тип дијабетес кој се манифестира во текот на бременоста и е минлив. Двата типа дијабетес може да предизвикаат необјасниво губење на тежината, но дијабетес тип 1 е поверојатно да го предизвика.

Нарушување на расположението

Кај луѓето со нарушувања на расположението, како што се анксиозност и депресија, може да се јави губење на апетитот, што доведува до намален внес на храна и губење на тежината. Покрај тоа, промените во начинот на исхрана предизвикани од депресијата може да доведат до губење на тежината. Многу луѓе се погодени од депресија, а секој шести човек може да доживее депресија во одреден момент од својот живот, според податоците од Центрите за контрола и превенција на болести.

Рак

Според студија објавена во Британскиот журнал за општа практика, губењето на тежината може да биде првиот симптом на рак на крвта, како што се леукемија и лимфом, или цврсти тумори како што се рак на белите дробови (особено аденокарцином на белите дробови), рак на дебелото црево, рак на јајчниците и рак на панкреасот. Повторувањето на туморот во рана фаза (како што е ракот на дојката), исто така, може да доведе до ненадејно губење на тежината.

Адисонова болест

Адисоновата болест е ендокрина состојба која се карактеризира со проблеми со надбубрежните жлезди, лоцирани на врвот на секој бубрег. Овие жлезди создаваат есенцијални хормони или хемиски гласници, како што е кортизолот. Отсуството на овие хормони кај Адисоновата болест може да доведе до губење на тежината, исцрпеност и други симптоми.

Стрес

Стресните животни настани како развод, смрт на член на семејството или финансиски проблеми може да предизвикаат губење на апетитот, пропуштање оброци или јадење помалку од вообичаено. Ова може да предизвика необјасниво губење на тежината.

Лупус

Лупус е автоимуна болест која предизвикува имунолошкиот систем погрешно да ги таргетира здравите клетки. Ова може да ја намали способноста на телото да ги апсорбира хранливите материи и да создаде проблеми со дигестивниот систем. Лупусот често предизвикува губење на апетитот. Ненамерно губење на тежината се јавува кај 15-17 проценти од пациентите со оваа болест. Губењето на тежината обично ќе биде очигледно пред дијагнозата.

Невролошко нарушување

Доминантен знак на невролошки болести како Паркинсонова, Алцхајмерова и Хантингтонова болест е раното слабеење. Според една студија објавена во Националниот институт за здравје во Велика Британија, промените во метаболизмот на протеините во мозокот кои ја зголемуваат потребата за енергија може да бидат поврзани со губење на тежината под одредени услови.

Бубрежна инсуфициенција

Губењето на апетитот и гадењето може да доведат до губење на тежината и промени во задржувањето на течностите кај личност со бубрежна болест.

Злоупотреба на алкохол и дрога

Намален апетит, гадење, повраќање, проблеми со менталното здравје и промени во животниот стил може да придонесат за губење на тежината кај луѓето што имаат проблеми со злоупотреба на алкохол. Неухранетоста може да се појави како резултат на тешко заболување на црниот дроб кај луѓе со долгорочни нарушувања од овој тип, што може да доведе до губење на тежината.

Како да го спречите необјаснивото губење на тежината

Ако сте ослабеле без намера, не сфаќајте го тоа како нешто безопасно бидејќи може да биде знак за сериозна болест која треба веднаш да се открие и да се лекува. Мора да се консултирате со лекар и да одите на преглед. Покрај тоа, не е секогаш можно да се избегне необјаснивото губење на тежината. Од клучно значење е да му кажете на вашиот лекар ако забележите какви било промени во апетитот или тежината. Ова е најдобриот начин да ја задржите вашата тежина и основниот здравствен проблем под контрола.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје