Последниве неколку години постојано слушаме за мултиполарност, мултиполарен свет или, пак, за „новата мултиполарна реалност“. Меѓутоа, мултиполарноста, барем онака како што се замислува и како што е дефинирана во литературата (иако има различни дефиниции, сепак кај поголемиот дел суштината е иста), воопшто не кореспондира со реалноста.
Да се осврнеме накратко на дефинициите за поларност во меѓународните односи. Поларноста во меѓународните односи се однесува на распределбата на моќ помеѓу државите. Традиционално постојат три типа поларност: униполарност – каде што една земја доминира во меѓународните односи (пример: САД во 90-тите, по крајот на Студената војна); биполарност – кога моќта е релативно еднакво распределена помеѓу две суперсили околу кои гравитираат другите држави (пример: САД и СССР во текот на Студената војна) и мултиполарност – кога моќта е релативно еднакво распределена помеѓу три или повеќе држави (најчестиот тип поларност низ историјата).
Ако униполарниот момент на САД е завршен, како и биполарниот поредок од Студената војна, тогаш би било логично денешниот поредок да се квалификува како мултиполарен. Сепак, дефиницијата дадена погоре за мултиполарен свет не одговара целосно на вистинската поставеност на меѓународните односи, односно моќта не е многу рамномерно распределена: САД остануваат најмоќниот актер, веднаш зад САД е Кина, а потоа е тешко да се рангираат земјите според нивната моќ бидејќи ниедна не е ни приближно моќна како САД или Кина, но сите имаат одредени аспекти во кои се силни, додека САД и Кина се суперирорни во сите аспекти (воен, економски, демографски, политички, технолошки...). Мултиполарноста функционира и како структурен опис на распределбата на моќта во меѓународните односи, но и како политички наратив што го користат државите за подобро стратешко позиционирање.
Неколку клучни моменти беа интерпретирани како докази дека светот е или станува мултиполарен: 1) нападите на 11 септември во 2001 година во САД – кога имиџот на американската моќ беше нарушен; 2) руската инвазија врз Грузија во 2008 година, која помина без сериозни последици за Русија; 3) руската анексија на Крим во 2014 година, како и нејзината поддршка во 2015 за режимот на Башар ал-Асад; 4) подемот на Кина и Индија во овој период и 5) руската инвазија врз Украина во 2022 година, што беше и најголем предизвик за улогата на САД како светски лидер и при што Путин го прогласи „крајот на униполарниот момент на САД“.
Меѓутоа, големите загуби и неуспесите на Русија во остварувањето на нејзините цели во Украина влијаеја и врз тоа како таа е перципирана во американската безбедносна стратегија. Имено, во Националната стратегија за безбедност на САД од 2017, Русија беше на исто ниво со Кина, додека во стратегијата од 2022 година Русија беше сведена на сила со „регионална дисруптивна моќ“ без да може да го обликува светскиот поредок. Дополнително, Русија изгуби сојузници и влијание во повеќе региони (Венецуела, Сирија, Кавказ, Иран) без притоа да преземе нешто. Со тоа Русија ефективно беше исфрлена како потенцијален „пол“ на ниво со САД и Кина. Од друга страна, САД презедоа неколку унилатерални акции во Венецуела и Иран, со многу малку препреки од страна на другите големи сили – што е голема разлика од пречките што ѝ беа поставени на Русија кога ја нападна Украина во 2022 година. Останува да се види реакцијата на светската заедница и на САД доколку Кина се реши да посегне кон Тајван.
Светот не е мултиполарен, барем не според постојните дефиниции кои предвидуваат еднаква или приближно еднаква распределба на моќта помеѓу повеќе од две држави. Поларноста на денешниот свет е многу посложена и веројатно само во некоја идна анализа (за неколку години/децении) ќе биде можно да се извлече точна дефиниција за тоа каков поредок преовладувал во втората и третата деценија од 21 век. Денес имаме карактеристики на сите три класични типови поларност: униполарност, бидејќи САД сè уште се рангирани на прво место по речиси сите параметри на моќ и сè уште преземаат еднострани дејствија против сојузници на моќни држави како Кина и Русија, без да се соочат со никаков отпор; биполарност, бидејќи денес Кина има поголема економија од онаа на СССР, кога биполарноста била најизразена; мултиполарност (неурамнотежена мултиполарност) бидејќи моќта на САД и Кина е многу асиметрична во споредба со моќта на другите моќни земји, но сепак овие земји не мора да избираат помеѓу Кина и САД, туку можат да соработуваат со двете без да се соочат со голем притисок или каков било притисок и негодување од едната страна, а покрај тоа, Кина и САД претпочитаат да ги освојат другите моќни земји наместо да се конфронтираат со нив.
Значи, денешната поларност во светот може да се дефинира како хибрид од претходните, т.е. хибриден поларитет/хибридна поларност, но најреално е да се заклучи дека денешниот свет е многу посложен. Сличен став имал и Самуел П. Хантингтон, кој во 1999 година напишал дека современата глобална политика тешко може да се вклопи во постојните три модели на поларност, а наместо трите модели, Хантингтон тврдеше дека меѓународниот систем е хибриден, т.е. „унимултиполарен“ со една суперсила и неколку помали сили. Ако светот според Хантингтон во 1999 година бил „унимултиполарен“, тогаш денешниот свет може да се опише како „бимултиполарен“. Друг термин може да биде и „асиметрична биполарност“, поради големата асиметрија помеѓу Кина и САД во однос на другите. Дури и во Русија има експерти кои не го прифаќаат целосно наративот за мултиполарност. Имено, научникот Андреј Кортунов тврди дека новата биполарност е ребрендирана како мултиполарност. Според Кортунов, биполарноста во форма на конфронтација меѓу САД и Кина е многу пореална од мултиполарниот свет каков што бил присутен во Европа во 19 век или во други периоди каде што била изразена мултиполарноста.
За крај, наративот за мултиполарност им одговара на „средните“ сили или на помалку моќните земји од САД и Кина бидејќи доколку се прифати овој наратив како реалност, тогаш тие ќе бидат третирани како сили од ист калибар со САД и Кина. Но, од друга страна, и Кина често пати го промовира овој наратив бидејќи Кина не сака да биде перципирана како еден од хегемоните во светот. Американската политика, исто така, не го исфрла овој наратив целосно бидејќи не сака да зборува за униполарност зашто тогаш другите сили би биле повнимателни во односите со САД, а не сака да се употребува многу и терминот биполарност затоа што тоа би го вратило менталитетот на конфронтација (како во Студената војна) со другиот хегемон – Кина. Дискусијата и наративот за мултиполарност може да продолжат со години, сè додека не се добие јасна дефиниција за тоа каков тип поларност имаме помеѓу силите. Дефиниција за поларноста што е попрецизна и покомпатибилна со реалноста, всушност, може да им помогне на помалку моќните држави (вклучително и на Македонија) бидејќи тогаш тие би знаеле како да ја рекалибрираат својата надворешна политика и како и до која мера да соработуваат со најмоќните држави.
Автор: Александар Мирчески, магистранд на Филозофскиот факултет при УКИМ