Секогаш кога ја листате вашата почетна инстаграм-страница, зад тој навидум едноставен гест се крие вистинска технолошка магија или, можеби, заговор, во зависност од тоа како ја гледате работата.
Вашето почетно поле не е случајно. Тоа е внимателно обликувано со помош на повеќе од илјада модели на вештачка интелигенција кои паралелно работат за да ве задржат што подолго на апликацијата.
Како ве „чита“ Инстаграм?
Компанијата „Мета“ користи софистицирани системи за машинско учење за да процени што најверојатно ќе ви се допадне, ќе го зачувате, ќе го коментирате или ќе го споделите.
Секоја објавена содржина што ја гледате има своја „податочна оцена“. Системот автоматски ја пресметува веројатноста за ваша интеракција со тој пост и врз основа на тоа го одредува неговиот ранг.
Ако системот процени дека со сигурност ќе го погледнете или ќе ви се допадне некој пост, таа содржина ќе се појави најгоре. Доколку предвидувањата не се точни, се активира автоматска корекција. Со терминологијата на „Мета“ тоа е наречено „паничен режим“ - системот веднаш се обидува да се приспособи.
Вашето „лајкнување“ е податок
Порано, обучувањето и ажурирањето на ваквите модели траело со денови. Денес, целиот процес е автоматизиран. Тестирањето, валидацијата и пуштањето нови модели се одвиваат речиси во реално време. Така, вашето почетно поле постојано се приспособува без потреба од човечка интервенција.
Интересно е што во компанијата се воспоставени виртуелни „базени со ресурси“, со цел тимовите за вештачка интелигенција да можат непречено да работат.
Секој тим има свој простор за експериментирање и воведување нови алгоритми, независно од другите.
Без разлика дали сте изгледале некое видео докрај, сте го прескокнале или сте оставиле коментар, секој ваш потег „Инстаграм“ го бележи. И не само што го бележи, туку и учи од него. Со секое скролање вие го тренирате алгоритамот да стане „помудар“ и уште попрецизно да погодува што би сакале да гледате следно.
Извор:
n1info.hr
Фото: Unsplash