X
 19.11.2021 Живот

Речиси 99% од младите во Македонија секој ден користат интернет, најмногу за социјални мрежи

Речиси 99 отсто од младите во Македонија на возраст од 15 до 24 години го користат интернетот секој ден или речиси секој ден, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за користењето на информатичко-комуникациските технологии за првото тримесечје од годинава. Само 0,7 отсто од младите на таа возраст го користат интернетот најмалку еднаш неделно, но не секој ден, а нема млади што користат интернет помалку од еднаш неделно.

На второто место по користење на интернет се Македонците на возраст од 25 до 54 години. Високи 91,6 отсто од жителите на таа возраст користат интернет секој ден или речиси секој ден, 3,4 проценти го користат најмалку еднаш неделно, но не секој ден, а 0,8 отсто го користат помалку од еднаш неделно.

Податоците покажуваат дека не е мал бројот на корисници и меѓу постарите лица, односно оние на возраст од 55 до 74 години, па во соопштението се наведува дека 49,1 отсто од нив секој ден користат интернет, 10,4 отсто најмалку еднаш неделно, а 1,5% помалку од еднаш неделно.



Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2021 година, 83,7% од домаќинствата имале пристап до интернет од дома, што е најголем процент од 2012 година наваму. Вкупно 16,1 отсто од домаќинствата немаат пристап до интернет, а 0,1 отсто не знаат дали имаат пристап. Учеството на домаќинствата според типот на населеното место со широкопојасен интернет во вкупниот број домаќинства е 87,1% во 2021 година.




Податоците покажуваат и дека 96,3 отсто од високообразованите лица во земјава се корисници на интернет, а процентот на корисници на интернет кај оние со средно образование е 90%, додека кај оние со ниско е 73,2 отсто.

Истовремено, корисници на интернет се 99,8 отсто од учениците и студентите, 95 отсто од вработените, 87,8 отсто од невработените и 64,9 отсто од другите.



Податоците покажуваат дека населението во Македонија најмногу го користи интернетот за телефонирање преку интернет, учество во социјални мрежи, допишување, читање онлајн вести и барање информации за производи, но и за здравјето.



46,3% од лицата нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци. Најнарачувана стока преку интернет е облека, чевли или додатоци.

Фотографии: ДЗС (printscreen)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот