Следната година веројатно ќе биде четврта по ред во која глобалните температури ќе бидат за 1,4 Целзиусови степени повисоки од оние во прединдустрискиот период, според информациите на Британската метеоролошка служба.
Во својата годишна прогноза за просечните глобални температури, Метеоролошката служба соопштила дека се очекува 2026 година да биде за 1,46 степени над основната температура за периодот од 1850 до 1900 година бидејќи „бранот“ на затоплување продолжува. Тоа е под 1,55 степени забележани во најтоплата година досега, 2024 година, но сепак би можело да ја стави 2026 година меѓу четирите најтопли години досега, а да биде и четврта година по ред што ја надминува границата од 1,4 степени.
Минатата година, 2024 година, беше првата што ја надмина границата од 1,5 степен – што е ниво кое во Парискиот договор земјите се договорија дека ќе се обидуваат да го ограничат за да се избегнат најопасните последици од глобалното затоплување. Можно е слично сценарио да се повтори во 2026 година.

- Во изминатите три години веројатно е надминато нивото од 1,4 степени и очекуваме 2026 година да биде четврта година кога ќе се случи тоа - истакнал професорот Адам Скејф, кој го предводи тимот за прогнози на Британската метеоролошка служба.
Ник Данстон од Метеоролошката служба вели дека во 2024 година се случило првото привремено надминување на прагот од 1,5 Целзиусов степен, а нивната прогноза за 2026 година сугерира дека ова е повторно можно.
- Ова нагласува колку брзо се приближуваме кон целта на Парискиот договор од 1,5 Целзиусов степен - додал тој.
Научниците предупредуваат на сè посериозните последици од поголемото затоплување и намалената способност на луѓето и природата да се приспособат на промените, при што секој дел од степенот прави разлика во избегнувањето на најлошите ефекти од климатските промени.
Но, ООН предупредува дека светот е сè уште на пат кон затоплување за дополнителни 2,8 Целзиусови степени според сегашните политики, или од 2,3 до 2,5 Целзиусови степени ако се спроведат сите мерки што ги ветија земјите.
Извор: zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik