X
 20.02.2025 Живот

Зошто се сруши авионот на пистата во Торонто и како преживеаја сите 80 патници

Патниците на летот на „Делта ерлајнс“ го изразија своето воодушевување зашто сите 80 лица во авионот ја преживеаја несреќата.

Авионот се сруши при слетувањето на пистата во Торонто, беше зафатен од пламен пред да се преврти и да застане наопаку, губејќи дел од опашката и цело крило. Сепак, никој не загина, а само 21 патник завршија во болница.

Што точно се случи?

Инцидентот се случи во понеделникот, околу 14:00 часот. Летот „ДЛ4819“, модел „ЦРЈ-900“, полета од Минеаполис, САД, и се приближуваше кон меѓународниот аеродром во Торонто. Сведоците тврдат дека авионот слетал со силен удар, се лизнал по пистата и потоа се превртил. Дел од трупот се одвоил при ударот, а кабината застанала наопаку од десната страна на пистата.

На видеата објавени на интернет може да се види како горат делови од авионот за време на слетувањето, додека противпожарните екипи брзо реагираа за да ги изгаснат пламените јазици.

Патникот Пит Карлсон изјави дека чувството било како „огромен удар на бетон и метал“. Тој и другите патници останале во своите седишта наопаку и морале да се ослободат за да излезат од превртениот авион.



Зошто авионот се сруши?


Воздухопловните експерти анализираа снимки и разговори меѓу пилотите и контролата на летање, но не најдоа докази дека биле очекувани некои проблеми пред слетувањето. Според пилотот и аналитичар Дан Ронан, авионот најверојатно слетал допирајќи ја земјата само со едно тркало, што можело да предизвика колапс на тркалата и удар на крилото во пистата, што довело до превртување.

Иако пистата била сува во моментот на несреќата, метеоролошките услови биле прилично неповолни, со силни налети на ветер и многу ниски температури. Контролорите за летање предупредиле на „мал удар“ во траекторијата при слетувањето.

Како преживеаја сите патници?

Она што го прави овој инцидент неверојатен е фактот дека сите патници и членови на екипажот преживеаја. Според експертите, причината е комбинацијата од модерните безбедносни карактеристики на авионот и брзата реакција на екипажот.



Професорот Греам Брејтвеит од Универзитетот „Кренфилд“ истакна дека дизајнот на авионските седишта одиграл значајна улога. Современите седишта можат да издржат 16 пати поголема сила од гравитацијата и се дизајнирани така што патниците не удираат во опасни површини при несреќи. Покрај тоа, сигурносните појаси се поцврсти и спречуваат телото да биде исфрлено од седиштето.

Дополнително, авионските крила се конструирани така што при удар се одвојуваат наместо да ја кинат кабината, што значително ја зголемува шансата за преживување.

Пожарникарите и спасувачите пристигнале на местото на несреќата за само неколку минути, а членовите на екипажот биле пофалени за нивната ефикасност при евакуацијата.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот