X
 20.06.2018 Култура

Сократовиот метод и осовременото образование

Оној што учел филозофија на училиште сигурно слушнал за Сократовиот метод - брилијантната техника со која Сократ успешно ги разубедувал своите соговорници дека не го знаат она што мислат дека го знаат и повеќе или помалку успешно ги водел до вистинската дефиниција.

Но дали сте знаеле дека овој метод се применува денес, во современото образование, и официјално и неофицијално?

Што е Сократовиот метод?

Интересно е тоа што самиот Сократ не се сметал за учител. Ова им оди во корист на оние што тврдат дека методот на Сократ не треба да се смета за подучување. Од друга страна, ако се потпреме на Апологијата каде што Сократ се брани пред судијата дека неговата „работа“ е да се грижи за народот, и бидејќи стареењето е во служба на откривањето на вистината за работите и во служба на тоа младината да биде што подобра, би можеле да помислиме дека Сократ во најмала рака ги прави обвинителите глупави.

Проблемот лежи во тоа како се дефинира подучувањето. Она што во дијалозите го прави Сократ секако не е предавање, но ако не е предавање и можеби е педагошки метод, како воопшто изгледа?

Имено, во дијалозите, Сократ на своите соговорници им поставува прашање, навидум едноставно - толку едноставно што на секој му се чини дека одговорот се подразбира. Притоа, Сократ се правел дека и тој самиот не знае за прашањето и дека е доста заинтересиран за тоа што неговиот соговорник има да каже.

Потоа соговорникот самоуверено, често не верувајќи што Сократ воопшто го прашал, ја давал својата дефиниција. Тогаш Сократ љубезно му укажувал дека во таа дефиниција постои извесен проблем, поставувајќи му низа прашања што дадените тврдења ги сведуваат на апсурд. И соговорникот често останувал шокиран и тажен затоа што она во кое цврсто верувал излегло дека воопшто не е така.

Тоа била „негативната“ страна на неговиот метод. Сократ ги побивал мислењата и ги искоренувал заблудите, многу сурово и многу љубезно - со чист разум. А потоа на соговорникот ќе му дадел поинаква дефиниција. Тоа била позитивната страна или „пораѓање на знаењето“.

Сократовиот метод се применува и денес, и тоа официјално, на правните факултети (погледнете го филмот „Paper chase“, каде што професорот го применува методот иако не е толку љубезен како Сократ), но и во некои основни и средни училишта во Америка. Бидејќи суштината на методот е всушност дијалогот, може да се каже дека методот на Сократ, макар во некој свој вид, е доста присутен во современите теории за образованието, кои ставаат акцент на активностите на самите ученици во наставата.

Секако дека и во нашите училишта постојат наставници кои со помош на прашања се обидуваат да ги наведат учениците да размислуваат за одговорот. Секако, ако одговорот не биде соодветен, наставникот продолжува да поставува нови прашања со кои го наведува ученикот сам да ја уочи несоодветноста.

Постои дел во дијалогот Менон на Платон, каде што Сократ се обидува да докаже дека знаењетo е всушност потсетување:

Сократ: Кажи ми, дете мое, дали знаеш дека четириаголникот е ваков?

Роб: Знам.

Сократ: Дали на овој четириаголник сите страни се еднакви?

Роб: Да.

Сократ: А оние што поминуваат низ средината, дали тие се еднакви?

Роб: Да.

Како што може да се види, Сократ го наведува соговорникот да ги согледа одговорите на поставените прашања. Некој ќе каже дека ова е исклучително необичен дијалог за Сократ, бидејќи тука очигледно постои недостиг на побивање на некое погрешно верување.

Но зошто, од друга страна, не би можеле да замислиме вакви погрешни уверувања во практика? Да земеме за пример еден јазик.

Ако ученикот направи грешка во примената на јазичните правила, наставникот многу лесно, со помош на нови прашања и задачи, би можел да го наведе ученикот да сфати зошто првиот одговор не е точен. Тука, секако, не би било класично сведување на апсурдот, но ученикот би имал увид во грешките во своето размислување. На истиот начин наставникот може да им дозволи на учениците врз основа на примери да уочат одредени правилности и сами да изведат правила.

А ако учениците сами изведат правила, тогаш тоа значи дека и самите ќе дојдат до нив, доколку ги заборават.

Постои една непријатна работа во врска со методот на Сократ. Непријатна за оној што ќе биде испрашуван. Се разбира дека не е пријатно некој да ви укажува на грешките во размислувањето и не е пријатно да сфатите дека она за кое сте мислеле дека го знаете всушност не го знаете. И веројатно никој нема баш пријатни емоции кон личноста што толку елегантно го открива неговото незнаење.

Според дијалозите на Платон, така се чувствувале и соговорниците на Сократ.

Нема сомнеж - да се биде учител како Сократ не е лесна задача, но кој би можел и би смеел да тврди дека е лесно да се биде учител?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура