Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на 5 декември, со почеток во 20 часот, ќе го одржи својот годишен концерт, оваа година насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, по повод 59-годишнината од постоењето на институцијата. Прославата ќе се одржи во големата концертна сала на Македонската филхармонија.
-Алма матер на речиси сите истакнати уметници во земјата, регионот и пошироко, Факултетот за музичка уметност – Скопје останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации уметници – изведувачи, педагози и творци, кои го обликуваат и водат уметничкиот живот во Македонија и раководат со најзначајните музички и културни институции - истакнуваат од Факултетот.
Концертната програма ќе ја изведат:
• Симфонискиот оркестар на ФМУ;
• Мешаниот хор „Драган Шуплевски“;
• Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“;
• Оркестар од народни инструменти и солисти;
• Студенти од Катедрата за балетска педагогија;
• Студенти од Катедрата за џез и популарна музика;
• Дувачкиот ансамбл на ФМУ,
под диригентските палки на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски
Од ФМУ додаваат дека музичката програма содржи дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, Македонска традиционална музика, како и нови композиции од нашите студенти од одделот за џез и популарна музика, А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот е слободен.