Додека сонцето изгрева над древните градски ѕидини што го опкружуваат овој град во покраината Шандонг, илјадници посетители веќе се собираат пред комплексот на Конфуциј во градот Ќуфу, за кој многумина можеби никогаш не слушнале.
Родното место на големиот Конфуциј не е само туристичка дестинација, туку е и жив споменик на филозофијата што ја обликувала цела Источна Азија повеќе од 2.000 години.
Низ тесните улици на стариот град, каде што традиционалните кинески куќи се преплетуваат со современи кафулиња, туристичките водичи им објаснуваат на посетителите од целиот свет дека овде конфуцијанството не е само дел од историјата, туку начин на живот. Учењето за правилно однесување, почитта кон постарите и важноста на семејните врски се пренесува секојдневно и е длабоко вткаено во системот на вредности на современото кинеско општество.
Главната атракција за туристите е секако комплексот на Конфуциј, светско наследство на УНЕСКО, кој ги опфаќа храмот на Конфуциј, куќата на Конфуциј и гробиштата на Конфуциј. Храмот, изграден во V век пред нашата ера и обновуван повеќе од 40 пати, денес се простира на 14 хектари и располага со 460 соби и сали. Комплексот го зачувал својот исклучителен уметнички и историски карактер благодарение на посветеноста на низа кинески цареви во текот на повеќе од 2.000 години.
Овој повеќеслоен пристап, што е комбинација од древни занаети, современ мониторинг и строга заштита од страна на УНЕСКО, му овозможува на комплексот да остане автентичен и покрај тоа што годишно прима повеќе од 3 милиони посетители. Воедно, овој град е седиште на Меѓународниот центар за конфуцијански студии, кој привлекува научници од целиот свет.
Во продавниците за сувенири може да се најде сѐ, од класични текстови до современа облека со цитати од Конфуциј. Всушност, животот во целиот град е обележан од ликот и делото на големиот филозоф и мислител. Иако градот се развива, не е дозволено современите предизвици на урбанизацијата и глобализацијата да го загрозат зачувувањето на културниот идентитет. Сѐ што се гради се проектира така што нема да ги наруши археолошките локалитети, а високите згради се ограничени на периферијата на градот.
- Ќуфу е доказ дека древната мудрост може да живее во современиот свет - велат жителите на овој кинески град, за кој со право може да се каже дека е музеј под отворено небо.
Времето во Ќуфу тече поинаку - побавно, во согласност со мудроста што опстојува со милениуми. Ќуфу не е само град од минатото. Тој е мост меѓу древна Кина и современиот свет, каде што секој посетител може да пронајде дел од мудроста што обликувала една цивилизација.
- Каде и да одиш, оди со целото свое срце - гласи пораката на Конфуциј, која секоја година ги пречекува милионите туристи од сите краишта на светот.
Извор:
6yka.com
Фото:
Wikipedia