X
 20.07.2022 Живот

Од утре до недела портокалова фаза во цела Македонија – Министерството за здравство со препораки за заштита од високите температури

Поради најавениот топлотен бран и температурите од портокалова фаза кои ја очекуваат Македонија, од утре до недела ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението, соопштија од МЗ.

Оттаму додаваат дека од утре сите региони во државата ќе влезат во портокалова фаза, при што состојбата на топлотен бран почнува да важи на целата територија на Македонија и со цел заштита на здравјето на населението Министерството за здравство ги дава следните препораки:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се - бремените жени и хронично болни лица;

2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;

3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да укажат помош на постари, изнемоштени лица и бездомници;

4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Од МЗ потсетуваат дека населението во летниот период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето како што се:

- Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред сè климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка;

- Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор;

- Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна;

- Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;

- При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;

- Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува: задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба; термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот