X
 20.10.2023 Издвојуваме

Интервју со Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот: „Кога секој во рамките на своите можности ќе придонесе за подобрување на состојбите, сите ќе живееме во еден поубав свет“

Она што постојано ме инспирира е поттикот да се обидам да бидам добар лекар, да бидам добар истражувач и добар наставник. Сето тоа бара многу откажувања, непроспиени ноќи, но насмевката на пациентите и, секако, задоволните студенти се она што дава особена сатисфакција, вели Елизабета Ѓоргиевска

Првата дама, или како што таа самата претпочита - сопруга на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, е редовен професор на Стоматолошкиот факултет и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е магистер и специјалист по педијатриска и превентивна стоматологија од 2002 година, а од 2006 година е доктор на науки. Има остварено неколку истражувачки посети на универзитети во Велика Британија, Белгија и САД, а исто така работела на неколку меѓународни истражувачки проекти. Има објавено повеќе од 90 трудови. Била член на организациските и научни комитети на неколку национални и меѓународни симпозиуми и конференции. Автор е на 2 и коавтор на 3 монографии. Во периодот од 2010 до 2014 година беше претседател на Македонското здружение по детска и превентивна стоматологија. Со сопругата на претседателот отворивме многу прашања, се навративме на нејзините почетоци, состојбите што ѝ носат грижа, за поривот кој ја мотивира... Скромно и транспарентно ни сподели какви сѐ успеси, достигнувања, предизвици стојат зад неа.

Какви спомени негувате од Вашите студентски денови? Кој Ви беше најголемиот фокус и каква цел си поставивте како студент?


-Како и кај секого, студентските денови ми беа исполнети со запознавање нови наставни содржини, но и дружење, излегувања... Секако, испитите ми беа во фокусот, секогаш на прво место. Начинот на студирање беше малку различен од сегашниот бидејќи имавме сесии секој месец. Во тој период важно беше само да се полагаат испитите и не се фокусиравме на оценките. Едноставно, учевме за знаење.



Завршивте на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Како се одлучивте за стоматологијата, што имаше пресудна улога и како понатаму го градевте Вашето образование?

-Можеби ќе звучи нескромно, но според мене, стоматологијата освен како дел од медицината сметам дека претставува и еден вид „применета“ уметност. Она што особено ме привлече кон оваа професија беше мојата воодушевеност кога мојата другарка која учеше во средното медицинско училиште ми ги покажуваше запчињата што ги моделирале на вежбите. Иако многу ме привлекуваше и математиката, сепак, гледајќи ги овие уметнички фигури, се замислував себеси како уметник и лекар. Го завршив средното медицинско училиште, отсек забни техничари, и логично продолжение беше студирањето на Стоматолошкиот факултет. По завршувањето на факултетот, како најдобар студент во генерацијата, продолжив на постдипломските и докторските студии на истиот факултет. Со добивањето на стипендијата Чивнинг, почнав со изработувањето на магистерската теза на Кингс колеџот во Лондон, додека истражувањата за докторатот ги работев на Универзитетот во Гринич. Постдокторските истражувања ги спроведов на Универзитетот Колумбија, каде што сѐ уште сум визитинг-професор (токму минатиот месец, при посетата на Њујорк во рамките на Генералното собрание на ОН, одржав предавања за студентите на постдипломски студии).

Раскажете ни за првите работни денови. Какви транзиции направивте за да бидете ова што сте денес, со што е богато вашето си-ви кога станува збор за работно искуство и како еволуираше Вашата кариера?

- Почнав со волонтирање на Клиниката за орална хирургија, што беше мојата најголема желба, каде што останав речиси две години. Но, подоцна кога се вработив, бев распоредена на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и таму, иако првите денови бев тажна бидејќи не ми се исполни желбата да бидам орален хирург, се пронајдов и до денес уживам во работата со децата. Ја завршив специјализацијата и, што се однесува на клиничкиот дел, околу 25 години работам на Клиниката. Во наставно-научниот дел, петнаесетина години сум наставник на Катедрата.



Кои се Вашите најсилни атрибути што одиграа клучна улога во Вашата кариера? На што сметате дека се должи успехот?

-И покрај сомнежите поради ограничувањата што општествата неретко ги наметнуваат, веројатно клучни беа истрајноста, желбата за знаење, но и желбата да научам што е можно посеопфатно, со разбирање на нештата. Не беше секогаш лесно. Но, животните предизвици, професионални и лични, само уште повеќе ме зајакнаа. Научив да верувам во себе и секогаш се обидував да го давам максимумот. Знаев дека образованието е клучот за мојот успех, а од моите родители, но и од моите учители, дознав дека упорноста, љубопитноста и работливоста се основа за искористување на сопствениот потенцијал. Дополнително, во нашата професија исклучително е важна и мануелната умешност, што секако придонесува до тоа да се биде успешен во струката.

На кој дел од Вашата кариера сте особено горди?


- Она што постојано ме инспирира е поттикот да се обидам да бидам добар лекар, да бидам добар истражувач и добар наставник. Сето тоа бара многу откажувања, непроспиени ноќи, но насмевката на пациентите и, секако, задоволните студенти, се она што дава особена сатисфакција. Исклучителна одговорност е тоа што нашата Клиника е единствената која во државата дава стоматолошки услуги под општа анестезија, пред сѐ, на лица со попреченост и поретко со дентофобија; додека за време на пандемијата функциониравме како единствениот ковид-центар од областа на стоматологијата. Горда сум на многуте студиски престои, одржаните предавања и работилници низ светот, испечатените трудови и книги, но особено сум горда на учебникот по „Детска стоматологија“, прв на македонски јазик, чиј уредник сум, а коавтори се сите колеги од мојата Катедра и повеќе колеги од странство со кои долги години соработуваме. Овој учебник претставува сублимат на нашата долгогодишна работа, со презентирани голем број наши случаи од практиката, што е навистина исклучително тешко да се направи.



Како универзитетски професор, кои се Вашите амбиции? Какви промени сакате да направите во образованието? Какви врати сакате да отворите за студентите да имаат поголем стимул, подобро образование?


- Мојата желба е нашите студенти да имаат образование на нивото на најистакнатите светски универзитети. Освен што и јас и моите колеги се трудиме во предавањата и вежбите да бидат опфатени најновите светски трендови, кои во стоматологијата рапидно се менуваат, се обидувам да им овозможам да бидат дел од истражувања во странство, но да се вратат и да ги споделат искуствата овде. Имено, дел од моите колеги магистранди и докторанди ги упатив да престојуваат и истражуваат во лабораториите на универзитетите со кои долго време соработувам. Последните години успеавме комплетно да ги реновираме Клиниката и салата за практични вежби, како и Одделот за општа анестезија, и можам слободно да кажам дека во моментов имаме услови како во најсолидните светски универзитети.



Раководител сте на Катедрата за детска и превентивна стоматологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, што сметате дека е потребно за да се подобри оралното здравје кај децата? Какви системски реформи ни се потребни за работите да се поместат на повисоко ниво?

- Иако во земјава долго време функционира Националната стратегија за превенција на оралните заболувања кај децата од 0 до 14 години, за жал, состојбата со оралното здравје кај децата уште не е на задоволително ниво. Во моментов носители на оваа дејност се превентивните тимови, составени од стоматолози кои вршат едукација на децата, превентивни прегледи и залевања на забите, додека санацијата на кариесот е оставена на матичните стоматолози. Она за што се залагаме како Катедра е, прво, да се подигне превентивата на повисоко ниво, но да функционира и куративата, и да биде во рацете на педодонтите, кои освен со превентива би се занимавале и со санација, бидејќи сепак станува збор за децата како сензитивна група на популацијата. Во тој случај, би имало можности да се следат светските трендови во третманот и терапијата на оралните заболувања кај децата. Секако, треба трпеливо да се работи на подигнување на свеста за редовна орална хигиена и правилна исхрана, редовни стоматолошки контроли и превентивно залевање на забите. Дополнително, важна е интердисциплинарната соработка со гинеколозите и педијатрите бидејќи грижата за здравјето на забите на децата започнува од мајката и потесната околина уште во периодот на планирање на семејството.



На кои проблеми поврзани со образованието и младите Вие како сопруга на Претседателот најмногу посветувате внимание?

- Многупати сум рекла, и навистина го мислам тоа: сопругата на Претседателот не треба да биде само лице од протоколот, туку активно да се труди да помогне во адресирање на одредени проблеми во општеството. Овие неколку години, покрај редовните обврски на Стоматолошкиот факултет и Клиниката, се обидов да се посветам на активности кои се од мојот поширок интерес, а се однесуваат на промоција на одредени прашања од областа на здравството, но и работа со лицата со попреченост. Во однос на овие прашања, освен Кабинетот на Претседателот, остваривме соработка со голем број институции, организации (УНФПА, УНИЦЕФ, УНДП, Канцеларијата на ЕУ, Здружение на студенти и специјализанти по медицина итн.). Минатите неколку години организиравме предавања на актуелни теми, работилници, едукации, промоција на прирачници (на пр., грижа за забите кај децата во соработка со УНФПА и Катедрата за гинекологија; прирачник за семејства на деца со аутистичен спектар на нарушувања итн.), подигнување на свеста за одредени проблеми (цистична фиброза, меланом, ментални проблеми кај младата популација, мултиплекс склероза, трансплантација итн.).
Кога секој во рамките на своите можности ќе придонесе за подобрување на состојбите, сите ќе живееме во еден поубав свет.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме