X
 20.06.2023 Живот

Диме Јанчев, извршен директор на Институт и Фабрика во АДИНГ со порака до младите инженери: „Најкраткиот пат и наједноставната формула за успех барајте ги во себе“

Инженерските тимови на АДИНГ денес се рамо до рамо со тимовите на глобалните играчи од нашата индустрија, а резултатите од нашето влијание во индустријата за производство на бетони и особено цементната индустрија се видливи. Честопати многумина од нив се изненадени што воопшто нѐ има, особено кога станува збор за колеги инженери од развиените земји кои овие технологии ги сметаат за нивна ексклузивност.

АДИНГ е компанија за производство и продажба на хемиски материјали за градежништвото. Креира решенија и технологии кои ги решаваат најспецифичните градежни проблеми. Нејзината основа лежи на стекнатите знаења и искуствата, како и нивниот трансфер меѓу генерациите професионалци. Моќта и иднината на компанијата е во вработените. Негува систем на посветени и одговорни децентрализирани тимови од експерти, кои соработуваат меѓу себе при остварувањето на целите. Вработени со свесност за иднината, висока општествена одговорност, посветени на широка иновација во компанијата.

Диме Јанчев е извршен директор на Институт и Фабрика на АДИНГ. Својата кариера ја почнува во 2011 година како инженер за лабораториски испитувања.



Кој беше еволутивниот процес во Вашата кариера?

Кратко по дипломирањето на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во 2011 година, се вработив во компанијата АДИНГ на позиција инженер за лабораториски испитувања, во R&D делот од секторот Институт. Тука работев на развој на нови и подобрување на постојните производи, најчесто од групата на адитиви за бетон и малтер. Нормално, сите активности се одвиваа под менторство на поискусните инженери во секторот, а по период од 2,5 години напредував на позиција самостоен инженер за примена и развој на производи. Ова беше една интересна фаза од кариерата каде што продолжив засилено со работа на развој на производи, но првпат бев носител на проектите и можеби најважно - ментор на помладите колеги инженери.

По 2 години работа на оваа позиција, веќе бев вклучен во формирањето на нов сегмент во рамките на секторот Институт, т.н. ЦЛА (Централна лабораторија АДИНГ). Ова е дел од АДИНГ кој им дава услуги на надворешни клиенти за испитување на градежни материјали и е акредитирана за 25 методи за испитување.

Во 2019 бев унапреден во раководител на Институт, односно раководно лице за делот за истражување и развој, контрола на квалитет и Централна лабораторија АДИНГ. Дел од обврските на оваа позиција се поставување и спроведување годишни планови за развој на нови производи и модификации на постојните, набавка на соодветна лабораториска опрема, сертификација на производите во согласност со соодветните законски регулативи итн.

Во 2021 бев промовиран на сегашната позиција, извршен директор во деловниот систем АДИНГ, задолжен за секторите Институт и Фабрика, со дополнителни одговорности за сите развојни активности и инвестиции поврзани со производните погони на АДИНГ во земјата и во странство. Член сум на Управниот одбор на компанијата и учествувам во директното раководење на деловниот систем АДИНГ

Студиравте на ТМФ во Скопје и сте добитник на признанието „Инженерски прстен“ во 2012 година. Колку Ви помогнаа студиите и Ве подготвија за работата? На што се сеќавате од студентските денови?

Секако дека за ТМФ ме врзуваат многу убави спомени како млад човек. Но се сеќавам и на долгите престои на факултетот, на вежби во лабораториите. Почнувате некој процес во лабораторија и тоа трае 6 или 8 часа, или за нас цела вечност, но на крајот гледам дека беше одлична подготовка за понатаму. Тогаш бевме сведоци на некои промени што ги воведоа техничките факултети - задолжителната студентска пракса. Мојата генерација во периодот 2010/11 беше првата што тргна на пракса. Ова беше одличен начин да видиме како изгледа светот надвор од факултетот и што нѐ чека таму.



Дали АДИНГ беше стимулативна и здрава средина и го извади најдоброто од Вас? Колку простор и можност за напредок отстапи?


Овде би одговорил низ призмата на една од шесте основни вредности на компанијата, кои ако се погледнат внимателно, прецизно ја дефинираат сликата за нас. Овaа вредност e: „ЗНАЕЊЕ – градиме и трансферираме знаење“.
Со влегувањето во АДИНГ вие влегувате во средина која располага со знаења и искуства кои се акумулирани речиси 55 години. Ова е момент кој ве мотивира и кој е одличен за еден инженер кој сака потесна специјализација или експертиза во некоја област. Ако додадете трудољубивост и ентузијазам, за кои е очекувано да се карактеристики од секој млад инженер, вие неминовно ќе имате личен раст. Верувам дека овие лични карактеристики се еднакво важни за каде било да напредувате и сериозно да се занимавате со инженерската професија.
Дополнително, кога ние овде зборуваме за интерен трансфер на знаење, мислиме на интензивно менторство и вовед во работењето од тимовите во службите. Имате на располагање безброј примери од областа и потребно е само да сакате да ги истражите, но поддршката и воведот се важни и добредојдени. Индустријата на градежната хемија е полна со предизвици и добро е кога од почеток имате некој покрај вас.
Нашите инженери имаат постојан пристап до голем број саеми, симпозиуми, семинари, обуки и стручна литература со чија помош полесно се совладуваат сите професионални предизвици од ова поле. Стоиме на располагање и со поддршка за нашите луѓе кои сакаат да се дообразоваат и овој нивен избор го поддржуваме.






Што Ве мотивираше постојано да работите на себе и својата лојалност, знаење и енергија да ги вложите во АДИНГ?


Во мојот случај, мислам дека преовладува желбата да се натпреваруваме со големите светски компании од оваа област, односно да им покажеме на сите дека и овде можеме. И верувајте ми, ова е силен мотив, а докажано е дека можеме. Инженерските тимови на АДИНГ денес се рамо до рамо со тимовите на глобалните играчи од нашата индустрија, а резултатите од нашето влијание во индустријата за производство на бетони и особено цементната индустрија се видливи. Честопати многумина од нив се изненадени што воопшто нѐ има, особено кога станува збор за колеги инженери од развиените земји кои овие технологии ги сметаат за нивна ексклузивност.
Од друга страна, онаму каде што мојот тим смета дека постои простор за иновирање, напредок и дополнителни средства, ние ги добиваме, секако со соодветно образложение пред УО на компанијата😊. Па така, техничката опременост, апаратурата и лабораториската опрема постојано се обновуваат, а модернизирани се и производните погони. Ние сме свесни дека само на тој начин можеме да бидеме конкурентни во одредени области од градежната хемија и, за среќа, поддржани сме во намерите.
Така што можам да кажам дека личниот влог, енергијата, времето, ресурсите и влогот на компанијата одат заеднички, се испреплетуваат и тоа е добра формула за успех и на поединецот и на компанијата.





Пазарот ве препознава како фармацевти во градежништвото. Креирате решенија и технологии кои ги решаваат најспецифичните градежни проблеми. Колку успешноста на АДИНГ влијаеше врз Вас како инженер? Кој сегмент од работата Ви е најсилниот предизвик за истражување, надградба, тестирање?

АДИНГ во моментов во својата производна програма има над 130 производи за градежништвото. Половина од нив се дизајнирани од инженерите на АДИНГ со цел разрешување одреден специфичен предизвик. Лично имам директно учествувано во формулирањето на 30-ина од нив кои активно се користат секојдневно на терен. Значи имате 30 „живи“ решенија кои создале дополнителна вредност за некого, кои „работат“ и се создадени од тимот со кој работите или пак сами сте ги креирале. Ете баш тука личната сатисфакција е голема.
И да, овој простор е создаден од компанијата, од нејзиното присуство на терен, од целиот АДИНГ, од инженерските тимови градежници и архитекти кои се задолжени за примена и продажба и со кои сме постојано заедно, понекогаш во лабораториите, понекогаш на терен при изведба и вградување, понекогаш на индустриски проби итн.



Што е она по што секој инженер тежнее, а АДИНГ го овозможува?

Би рекол дека секој инженер тежнее кон иновација. И овде повторно ќе се навратам на нашите вредности во кои ИНОВАЦИЈАТА е вметната како уште една од шесте основни вредности. Ние како компанија се трудиме да гледаме на неа како сеопфатно и континуирано подобрување на производите и процесите. Што значи тоа? Да речеме вие сте инженер во R&D и имате идеја за нов производ! Супер, одлично, спремни сме за голема иновација и ќе ја поддржиме. Но сосема е добредојдено и ќе биде оценето повторно за одлично кога вие како инженер во R&D би имале свое видување за оптимизирање на некој процес кој е целосно надвор од службата. Тоа АДИНГ го дефинира во својата филозофија, го стимулира и се труди да го слушне и препознае. АДИНГ настојува да создадеме простор поединецот да биде признаен во секоја своја намера, со која ќе го подобри работењето на компанијата на кој било начин.



Каква порака би им испратиле на идните инженери што излегуваат од нашите факултети? Дали со труд, работа, континуирана образовна надградба е возможен професионален раст и секој врв е достижен?


Едукација и добро образование ќе добиете на секој наш технички факултет. Но дали образованието со кое ќе се стекнете е добро или одлично, зависи од вашиот труд, влог, потрошено време. Вие го диктирате квалитетот на вашето образование, на вашето ниво како студент, а понатаму и како инженер во реалниот сектор. Не знам колку е ова инспиративно или пак заплашува, но според мене, најкраткиот пат и наједноставната формула за успех се кријат во нас. Од нас самите зависи.

Кои се целите, пошироката слика за која се залага АДИНГ? Какви промени сакате да иницирате како компанија која се занимава со хемија во градежништвото?


Денес се стремиме кон одржливо работење. Ние ги штитиме нашите интереси како компанија, но напорно работиме за интересот на заедницата. Целиот моментален напор на R&D тимовите и применско-продажните тимови е како до подобри формули и состојки кои ќе помогнат во процесите на декарбонизација. Насочени сме кон технологии за намален „carbon footprint“ на партнерите од градежната и цементната индустрија. Овој фокус е поставен и на адитивите за бетони, додатоците за цементната индустрија, производите за трајност, заштита и санација на армирано-бетонските конструкции, па сѐ до производите за завршни работи во градежништвото.
Ние си поставивме 2 главни цели до 2030 година. Како прво, развој и истражување на производи кои ќе придонесуваат за одржлив развој и второ, воведување корпоративни практики за одржлива иднина на компанијата. Ова вклучува ефикасно користење на ресурсите и придонес во борбата со климатските промени. Или во превод, производство базирано на 100% сопствени извори на енергија и целосна енергетска ефикасност, оптимизација на работењето, користењето на ресурсите и суровините и производи базирани на еколошки компоненти. Ова ќе креира потреба за дополнително проширување на тимовите, потрага по таленти и македонски умови со кои заедно ќе докажуваме дека и ние можеме.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот