X
 20.10.2023 Економија

Нови критики за работата од дома - вработените стануваат мрзливи и помалку продуктивни

Кога пандемијата го зафати светот, се промени начинот на работа за многумина. Вработените ги заменија своите канцеларии со нивните дневни и спални соби и на многумина тоа им се допадна, а штом ги почувствуваа придобивките од работата на далечина, не сакаа да се вратат во канцеларијата. Оттогаш беа спроведени различни студии за ефективноста и продуктивноста на вработените што работат од дома, а резултатите беа мешани.

Додека многу вработени сè уште сакаат да работат од дома, многу компании ги поканија своите вработени во канцелариите, со полно или хибридно работно време. Со текот на времето работодавците станаа сè покритични кон работата од дома.

Еден од првите директори што ја критикуваа работата од дома е Дејвид Соломон, главен извршен директор на „Голдмен Сакс“. Уште на почетокот на 2021 година тој изјави дека ваквата работа не е „новото нормално“ и треба да се поправи што побргу.


Фото: Pixabay

Овој месец уште еден главен извршен директор на американска компанија ја критикувал работата од дома и начинот на кој ваквата работа влијае врз работната култура и ефикасноста во работата. Бери Бифле, директор на „Фронтиер ерлајнс“, коментирал дека луѓето станале мрзливи и помалку продуктивни. Тој посочил дека тоа не е проблем само во неговата компанија, туку на целото општество.

Неговите коментари доаѓаат откако деловните резултати на компанијата покажаа пад од 9 отсто во приходите по патник, за што компанијата ја обвини намалената продуктивност.

- Ние не сме сами во ова, секоја компанија зборува за предизвиците на продуктивноста. Доволно е! Мора да се фокусираме на тоа - порачал тој.

Други директори се откажале од работата на далечина, како Илон Маск, кој изјави дека ваквата работа е „морално лоша“. Неодамна и главниот извршен директор на „Зум“, Ерик Јуан, ги покани своите вработени да се вратат во канцеларија. За многумина, ова го означи крајот на ерата на работа од дома и враќање на старите денови кога повеќето вработени лица работеа во канцеларија.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија