Владата на Северна Кореја наводно воспоставила нови центри за стари лица, како реакција на растечката популација на повозрасни граѓани.
Северна Кореја нема спроведено попис од 2008 година, а информациите строго ги контролира режимот на Ким Џонг-ун. Сепак, се смета дека земјата со 26,5 милиони жители се соочува со сериозна демографска реалност.
Додека многу држави се борат со стареењето на работната сила и опаѓањето на наталитетот, овие предизвици се особено изразени во Северна Кореја, каде што, според процените, околу 60 отсто од населението живее под линијата на сиромаштија, а социјалните заштитни механизми се распаднати.
Што треба да се знае?
Трет центар за стари лица наводно бил отворен пред неколку месеци во реонот Хвасонг во Пјонгјанг, според „Чосун синбо“, просевернокорејски весник со седиште во Јапонија, кој навел дека центарот станал неопходен дел од секојдневниот живот за постарите жители во оваа област.
Според владината платформа „Наенара“, најновиот центар нуди широк спектар на услуги, од терапевтски вежби и спа-третмани до спортски содржини.
Како што често се случува со големите државни иницијативи, овие центри се концентрирани во главниот град, а надвор од Пјонгјанг не се пријавени слични установи. Јужнокорејската агенција „Чосун дејли“ ги нарече „пропаганден проект“ насочен кон зајакнување на социјалната кохезија и подобрување на меѓународниот имиџ на земјата.
Пензионерите имаат право на скромни месечни пензии и додатоци за храна по навршени 60 години за мажите и 55 години за жените, ако континуирано работеле одреден временски период. Поради недостиг на државни средства, овие примања често не се исплаќаат, што принудува многу повозрасни лица што можат да работат да се приклучат на неформалните пазари.
Одделот за население на Обединетите нации проценува дека околу 12 отсто од Севернокорејците се на возраст од 65 години или повеќе. ОН дефинира дека едно општество е старо кога оваа бројка ќе достигне 14 отсто. Бидејќи Северна Кореја не објавува редовни демографски податоци, аналитичарите мора да користат процени од стари пописи и индиректни истражувања.
Иако Северна Кореја старее побавно од Јужна Кореја, која е „супер-стара“ држава со една петтина од населението над 65 години, Пјонгјанг нема автоматизација и индустриски капацитет карактеристични за побогатите земји, поради меѓународните санкции поврзани со нуклеарната и ракетната програма.
Дополнителен предизвик е опаѓањето на наталитетот. Според процените на ОН, стапката на плодност во Северна Кореја е околу 1,8 деца по жена, што е под стапката од 2,1 потребна за одржување стабилна популација без значајна имиграција.
Овој проблем очигледно е голема грижа за Ким. На настан во декември 2023 година, покриен од државната телевизија и посветен на мајките, лидерот упатил емотивен апел жените да раѓаат повеќе деца за да се продолжи нивната револуција.
Што следува?
Се очекува високите севернокорејски функционери да се состанат на почетокот на следната година на Деветтиот народен конгрес, каде што ќе ја објават економската агенда за следните пет години. Засега не е јасно дали ќе бидат претставени нови мерки за поддршка на повозрасните лица.
Извор:
Newsweek.com
Фото: Screenshot/YouTube