Кога хакерите од Северна Кореја се обидоа да украдат 1 милијарда долари од Федералната резерва на Њујорк, она што ги спречи беше грешка во спелувањето. Сепак, успеаја да извлечат 81 милион долари од измамата. Минатиот мај спровеле уште еден напад, кој иако бил спречен, успеал да изгасне илјадници компјутери во повеќе земји и да му наштети на Британскиот национален здравствен систем.
Северна Кореја има армија од 6.000 хакери, која постојано се подобрува, според американските и британските надлежни власти кои ги следат нивните напади. Освен што имаат нуклеарен арсенал кој го користат за заканување кон САД, тие постепено развиле и сајбер-програма преку која земаат стотици милиони долари и се обидуваат да предизвикаат глобален хаос. Експертите сметаат дека сајбер-нападите се одличен избор за оружје на Пјонгјанг, кој е долго време изолиран од светот.
Хакерите оперираат надвор од земјата, а советниците на Ким Јонг-ун сметаат дека никој нема да одговори со воен напад на нивните сајбер-напади поради страв од катастрофална ескалација помеѓу Северна и Јужна Кореја. Се смета дека имаат една од најуспешните сајбер-програми на планетата, не поради тоа што е технички софистицирана, туку затоа што ги постигнале сите свои цели за многу ниска цена. Хакерите успеале и да влезат во воената мрежа на Јужна Кореја за да ги украдат воените планови. Постојат и докази дека хакерите вметнале таканаречени „дигитални клетки – спијачи“ во јужнокорејската критична инфраструктура и нивното министерство за одбрана, кои можат да се активираат за да ги парализираат изворите на енергија, воените команди и контролни мрежи.
Северна Кореја не е мотивирана само од политички аспект. Нивниот најпознат сајбер-напад се случи во 2014 година, против „Сони ентертејмент“, за да се блокира објавувањето на филмот во кој се исмејува Ким Јонг-ун. Официјалните власти од интелигентните агенции проценуваат дека сега Северна Кореја на годишно ниво зема стотици милиони долари од измами во дигиталните банки, пробивање на онлајн-видеоигри и слично. Најлошото е што никој не ги сфаќа сериозно поради нивната изолираност и апсурдност, сметаат експертите.
Кога почина таткото на Ким Јонг-ун, Северна Кореја имаше само 1.024 ИП-адреси. Ким гледал на интернетот како на закана кон неговиот режим, но неговиот став почнал да се менува откако група компјутерски научници му предложиле да го користи интернетот за да ги шпионира и да ги напаѓа непријателите како САД и Јужна Кореја. Па така, младите студенти почнале со специјални обуки, а многумина биле и испраќани во Кина за да посетуваат врвни компјутерски програми. Од 2009 година наваму тие забележуваат голем напредок, а во 2011 година, кога Ким Јонг-ун ја зеде власта во свои раце, ја прошири сајбер-мисијата, па почна со употребување на оваа алатка не само како оружје за војна туку и како политичка игра и нанесување штета.
И санкциите што ги упатуваат кон земјата Обединетите нации и САД не вродуваат со плод. Интелигентните агенции се обидуваат да ги следат хакерите, а се претпоставува дека тие се наоѓаат во земји како Индија, Малезија, Непал, Кенија, Мозамбик и Индонезија и оттаму ги вршат нападите.
Иран и Северна Кореја со децении споделуваат ракетна технологија, но Северна Кореја научила нешто од Иран и во врска со сајбер-просторот – кога се соочува со непријател кој има банки поврзани преку интернет, системи за трговија, болници и целосни градови, можностите за предизвикување хаос се бескрајни. Хакерите од Северна Кореја ги прифатија методите на Иран и почнаа да ги применуваат.
Главната цел на сајбер-програмата на Северна Кореја е да се заштити сликата за лидерот. Токму затоа, хакерите успеаја да нападнат неколку телевизиски мрежи и компании кои најавувале планови за емитување телевизиски серии или емисии во врска со Ким Јонг-ун.
Потоа го свртеа вниманието кон дигиталните банки, напаѓајќи во Филипините, Виетнам, Бангладеш, а подоцна вметнувајќи малициозни софтвери и во банки во Полска, Бразил, Чиле, Естонија, Мексико, Венецуела и САД, неодамна и во Јужна Кореја и во нивните механизми за креирање биткоини.
Стотици, ако не и илјадници американски сајбер-војници поминуваат денови обидувајќи се да ги детектираат неколкуте мрежи на Северна Кореја барајќи слабости кои би можеле да се искористат за време на кризни периоди. Многумина стравуваат дека сајбер-војната може да ескалира, како и нуклеарната. Не е познато кој ги води сајбер-операциите, па тоа сѐ уште е вистинска мистерија за американските безбедносни сервиси. Големото прашање е дали Ким Јонг-ун се фокусира на сајбер
напад наместо на нуклеарен за да ја победи Америка без да користи каква било ракета.