X
 20.12.2021 Наука

Омикрон е помалку успешен во нападот на белите дробови

Британска студија покажа дека омикрон-сојот може да биде помалку успешен во нападот на белите дробови од претходните варијанти на коронавирусот.

Во студијата на Институтот за терапевтска имунологија и заразни болести во „Кембриџ“ се заклучува дека мутациите во спајк-протеинот на вирусот, кои предизвикуваат омикрон да избегнува антитела, исто така може да го ограничат начинот на кој вирусот се реплицира во белите дробови.

Омикрон развил способност да го избегне имунолошкиот систем, но истовремено неговата способност да се реплицира и неговата патогеност се компромитирани, се наведува во резимето на студијата.

Водачот на студијата, Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на „Кембриџ“, рече дека се соочуваме со предизвици и покрај навидум позитивните заклучоци од студијата.

- Што значи сето ова? Ефективната инфекција на белодробните клетки може да биде во корелација со сериозноста на белодробната болест. Мултинуклеарни клетки често се гледаат во респираторните ткива земени по тешка болест. Делта-сојот беше многу успешен во инфицирање на ткивото на белите дробови и создавање тешка форма на болеста, за разлика од омикрон. Потребни се дополнителни истражувања - напиша тој на неговиот твитер-профил.

Да резимираме - овој труд посочува дека омикронот станал поотпорен на имунитетот, но дека неговите својства поврзани со прогресијата на болеста може да бидат ослабени до одреден степен. Сепак, значителното ширење на омикрон претставува голем предизвик за јавното здравје.

Резултатите од студијата беа објавени откако медицинската советодавна група СГЕ во Британија издаде ажурирана процена и рече дека сега има стотици илјади нови инфекции со омикрон дневно во Англија, што поттикна извештаи дека може да се воведат построги ограничувања по Божиќ.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: med.hku.hk
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука