X
 21.03.2024 Образование

УКЛО и официјално е прв европски универзитет: Одбележан почетокот на функционирањето на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС

На 17 и 18 март 2024 г. на Универзитетот во Падерборн, Германија, свечено беше одбележан почетокот на функционирањето на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, во која членува Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола (УКЛО).

Овој настан е од историска важност за развојот на УКЛО, но и од огромно значење за развојот на високото образование во државата, бидејќи добивме прв европски универзитет. Преку учеството на УКЛО во оваа Алијанса, студентите на УКЛО ќе можат да добијат диплома со комбинирање на студии во неколку европски земји.

1

Европските универзитетски алијанси се водечка иницијатива на Европската стратегија за универзитетите. Иницијативата има амбиција да формира 60 алијанси на европски универзитети кои вклучуваат повеќе од 500 високообразовни институции до средината на 2024 година. Иницијативата за Европски универзитети е амбициозна иницијатива на ЕУ насочена кон воспоставување сојузи помеѓу високообразовните институции од цела Европа, за доброто на нивните студенти, вработени и општеството. Се спроведува првенствено преку финансирање од Еразмус+ програмата на Европската Унија.

УКЛО е прв и засега единствен македонски универзитет кој е дел од Европска универзитетска алијанса. Во наредните четири години преку членството во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, УКЛО ќе развие долгорочна структурна и стратешка и одржлива соработка со осум други европски универзитети членки на алијансата. Оваа соработка треба да резултира со подобрување на меѓународната конкурентност на универзитетите членки на алијансата и промовирање европски вредности и идентитет кај членките на алијансата.

2

Во делегацијата на овој историски настан за УКЛО, покрај раководниот тим на УКЛО, е градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, со што се потенцира важноста на трансформацијата на УКЛО во европски универзитет за развојот на општината и регионот. Општина Битола е придружен партнер на Универзитетската алијанса КОЛОРС.

3

Првиот ден од посетата беше одбележан со низа свечени настани, а паралелно се одвиваа и работни настани на работните групи на Алијансата. Започна со состанок на ректорите на универзитетите членки на Алијансата, а потоа беше одржан прием кај градоначалникот на Падерборн. Почетокот на функционирањето на алијансата беше свечено одбележан со настан на кој пригодни обраќања имаа ректорката на Универзитетот во Падерборн кој раководи со КОЛОРС Алијансата, парламентарци од Падерборн и раководството на Алијансата. На свечениот настан беа одржани панел-дискусии на кои ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, и студентскиот лидер Борис Гушевски одговараа на најразлични прашања за сличностите, разликите и предизвиците на партнерите во КОЛОРС.

5

Многубројните настани беа заокружени со саем на кој учесниците во КОЛОРС се претставија на сопствени штандови со промотивни и рекламни материјали. Покрај УКЛО, членки на Алијансата КОЛОРС се осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска.

На овој важен настан покрај ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорот, проф. д-р Јове Димирија Талевски воедно и раководител на проектот, учествува академскиот координатор и претставник во конзорциумот во Алијансата, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, проректорите: проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, проф. д-р Горан Илиќ, претседателот на Сенатот, проф. д-р Николче Јанкуловски, студентскиот лидер на УКЛО, Борис Гушевски, и професорката Мимоза Богдановска-Јовановска, која ќе ја раководи отворената канцеларија на Алијансата во Битола (т.н. CoSpaceOfficer).

6

Инаку, КОЛОРС е кратенка за „Колаборативни, иновативни, одржливи регионални универзитети“. УКЛО е кораководител за цела Алијанса во работниот пакет за дисеминација и комуникација како еден од носечките, за што универзитетот доби заслужени пофалби за професионалните и иновативни начини на претставување на Алијансата во секојдневието на партнерските универзитети.

8

(Комерцијална објава)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование