X
 21.04.2020 Политика

Михаил Горбачов: Кога пандемијата ќе заврши, светот ќе мора да се обедини

Американскиот неделник „Тајм“ објави напис од Михаил Горбачов, поранешниот водач на Советскиот Сојуз, за пандемијата предизвикана од ширењето на коронавирусот. Во продолжение следува превод од написот: 

 

„Во првите месеци од оваа година повторно видовме колку е кревок нашиот глобален свет, а колку е голема опасноста за паѓање во хаос. Со пандемијата на Ковид-19, сите земји се соочуваат со заедничка закана, а ниту една земја не може сама да се справи со неа.

Итниот предизвик денес е да се победи овој нов, злобен непријател. Но дури и денес треба да почнеме да размислуваме за животот потоа. Многумина денес велат дека светот веќе нема да биде ист. Но каков ќе биде? Тоа зависи од лекциите што ќе ги научиме.

Се сеќавам како одговоривме на нуклеарната закана во средината на 80-тите години. Пробивот беше направен кога разбравме дека таа е наш заеднички непријател, закана за сите. Лидерите на Советскиот Сојуз и на САД изјавија дека не може да се победи во нуклеарна војна и таквата не треба никогаш да се одржи. Потоа се случи Рејкјавик и првите договори што ги елиминираат нуклеарните оружја. Но иако досега 85% од тоа оружје се уништени, заканата сè уште е тука.

Сепак, другите глобални предизвици останаа и станаа поитни: сиромаштијата и нееднаквоста, деградацијата на околината, осиромашувањето на Земјата и океаните, мигрантската криза. А сега, мрачен потсетник на друга закана: болести и епидемии кои во еден глобален, меѓуповрзан свет може да се шират со невидена брзина.

Одговорот на овој нов предизвик не може да биде само национален. Иако националните влади мора да го носат товарот на правење тешки избори, одлуките мора да се донесуваат од целата светска заедница.


Фото: Wikipedia

Досега не успеавме да креираме и да примениме стратегии и цели кои се заеднички за целото човештво. Напредокот кон милениумските развојни цели, усвоени од ОН во 2000, беше екстремно нерамномерен. Денес гледаме дека пандемијата и нејзините последици особено ги погодуваат сиромашните, а со тоа и го влошуваат проблемот со нееднаквоста.

Она што ни е итно потребно е ново осмислување на целиот концепт за сигурност. Дури и по крајот на Студената војна, тој беше замислен најмногу во однос на воените цели. Во последните неколку години сè што слушаме се разговори за оружја, проектили и воздушни напади.

Оваа година светот веќе беше на прагот на судири кои би вклучувале големи сили, со сериозни непријателства во Иран, Ирак и Сирија. Иако учесниците се повлекоа, тоа беа истите опасни и невнимателни политички игри.
Зарем не е јасно досега дека војните и вооружените трки не можат да ги решат денешните глобални проблеми? Војната е знак за пораз, неуспех на политиката.

Главната цел мора да биде човековата безбедност: обезбедување храна, вода и чиста околина и грижа за човековото здравје. За да се постигне, треба да креираме стратегии, да направиме подготовки, да планираме и да имаме резерви. Но, сите обиди ќе пропаднат ако владите продолжат да трошат пари во трката по оружје.

Никогаш нема да се уморам од повторување: треба да ги демилитаризираме светските проблеми, меѓународната политика и политичкото размислување.
За решавање на ова на највисоко меѓународно ниво, ги повикувам светските лидери да повикаат итен специјален состанок на Генералното собрание на ОН, кој би се одржал штом ќе се стабилизира ситуацијата. Состанокот треба да биде за ревидирање на целата глобална агенда. Поточно, ги повикувам да ги намалат трошоците за воени цели за 10% до 15%. Ова е најмалку што може да направат како прв чекор кон една нова свест, нова цивилизација“.

Извор: time.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика