X
 28.08.2021 Наша тема

Лице со попреченост никогаш немало висока политичка функција кај нас! Се користат пред избори за собирање поени, вели Лидија Ѓорѓевиќ

Од суштинско значење е сите категории граѓани да бидат вклучени во политиката и процесот на донесување решенија со цел да имаме квалитетни, трајни, успешни системски промени кои ќе придонесат да живееме во едно подобро општество. Ништо во државава не може да се направи и подобри доколку овие лица не се вклучат активно, ништо не може ниту во политиката да се направи доколку лицата со попреченост не се активни политички чинители

Лицата со попреченост не се доволно вклучени во политиката во нашата држава. Доколку се обидете да најдете податоци за лице со попреченост кое било на висока функција на политичката сцена кај нас, нема да успеете, не поради фактот што овие податоци не се застапени на интернет, туку поради фактот што досега, во историјата на нашата држава лице со попреченост никогаш не било носител на висока политичка функција.

- Кога зборувам за висока политичка функција, не мислам на советник во општина, член на управен одбор во некоја партија, потпретседател/ка на младинска организација при некоја партија, мислам токму на функциите пратеник/чка, министер/ка, премиер/ка, претседател/ка на партија, па дури претседател/ка на државата - вели Лидија Ѓорѓевиќ, потпретседателка на Обединета младина за Македонија, младинска организација при политичката партија Обединети за Македонија.




Се користат само пред избори

Таа вели дека од 15-годишна возраст се занимава со теми кои ги опфаќаат токму лицата со попреченост, а неодамна имаше и предавање на оваа тема.

- За жал, кај нас сѐ уште е во сила „трендот“ овие лица да се користат само пред изборите со цел одредена политичка партија на овој начин да собере повеќе поени. Сѐ уште кај нас фокусот се става токму на попреченоста, а не на самата личност, па оттука доаѓаат и сите оние стереотипи и предрасуди дека лицата со попреченост се неспособни, неедуцирани, дека немаат доволно знаења, вештини и способности да бидат носители на некоја политичка функција. Од моето долгогодишно искуство и работа со лица со попреченост слободно можам да кажам дека голем дел од лицата со попреченост се високо образовани, едуцирани, квалитетни, експерти за одредени области, пред сѐ, имаат емпатија и каква било задача што ќе им се додели ќе ја извршат најквалитетно што можат за да придонесат за општо добро - вели  Лидија.

Предавање за надминување на стереотипите

Вели дека мотивацијата да ја напише и реализира проектната иницијатива „Инклузија на лицата со попреченост во политиката“ доаѓа од самиот факт што и таа е лице со попреченост и во моментот е активно вклучена во политиката, односно таа е потпретседателка на Обединета младина за Македонија.

- За себе можам да кажам дека воопшто не се гледам како лице со попреченост, но сепак овој мој статус фигурира на хартија и тоа е фактот и реалната ситуација која ќе ме следи до крајот на животот. Како млада личност која е вклучена во политиката, имам можност одблиску да посведочам за тоа колку лицата со попреченост се инволвирани во политиката и на каков начин се третирани. Поради огромната желба да придонесам за подобрување на условите за реална вклученост на лицата со попреченост, ја напишав и реализирав токму оваа проектна иницијатива која беше реализирана во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи“ на швајцарската амбасада, имплементиран од Меѓународна фондација за изборни системи (ИФЕС) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) - споделува Лидија.

Таа се надева дека со проектната иницијатива ќе придонесе да се надминат стереотипите и предрасудите што постојат за лицата со попреченост и ќе отвори нови можности за поголема инклузија на овие лица, пред сѐ, во општествениот живот, а понатаму и во политичкиот.

Вклучување во процесот на донесување закони

- Доколку се донесува некое решение за младите, многу е важно самите млади луѓе да бидат вклучени во процесот; доколку се донесува некоја одлука за пензионерите, исто така, многу е важно пензионерите да бидат прашани за мислење, став, иста е ситуацијата и за лицата со попреченост, никој не може подобро да знае од едно лице со попреченост што конкретно му е потребно, со какви проблеми се соочува и како да се најде најдоброто решение. Доколку сакаме да имаме квалитетни и трајни системски решенија, мора да ги вклучиме категориите граѓани на кои конкретното решение се однесува. Исто така, доколку се носи нов закон или се прави измена, дополнување на веќе постоен закон кој се однесува на лицата со попреченост, верувајте ми дека тој нема ни одблизу да биде успешен ако при неговата измена, дополнување, донесување не се вклучени лица со попреченост кои се експерти во таа област. Од суштинско значење е сите категории граѓани да бидат вклучени во политиката и процесот на донесување решенија со цел да имаме квалитетни, трајни, успешни системски промени кои ќе придонесат да живееме во едно подобро, модерно, приспособено за сите општество - истакнува Лидија.

Нема статистика колку лица со попреченост има во државата

На прашањето што вели статистиката, колку лицата со попреченост се инволвирани во политиката, таа вели.

- Многу би сакала да постои конкретна, јасна и прецизна статистика од која и јас самата би можела да прочитам колку лицата со попреченост се инволвирани во политиката, но, за жал, ваква статистика кај нас сѐ уште не постои. Во нашата држава сѐ уште нема јасна статистика колку е вкупниот број на граѓани со попреченост, ние немаме увид колку од целокупното население на Македонија се граѓани со попреченост и каква попреченост имаат. Па оттука се поставува и прашањето како може да се донесуваат системски решенија кои се однесуваат на лицата со попреченост доколку немаме јасна и прецизна бројка колку лица со попреченост имаме во државата. Како да го подобриме образовниот систем доколку не знаеме колку ученици со попреченост имаме, како да ја подобриме инфраструктурата на факултетите во државата доколку не знаеме колку студенти со попреченост имаме, како да го подобриме здравствениот систем доколку не знаеме колку лица со попреченост имаат потреба од реални реформи во здравствениот систем, и на крај, како партиите да направат реформи, да ја зголемат, подобрат својата пристапност и достапност за лицата со попреченост доколку не знаат колку граѓани со попреченост има во нашата држава - категорична е Ѓорѓевиќ.

Недостигот на информации е сериозен проблем

Како што кажува таа, голем број од партиите во државава не знаат дали воопшто имаат лице со попреченост вклучено во своите редови, доколку имаат такво лице, не знаат какви услови му се потребни и како да му ги обезбедат.

- Недостигот на информации е сериозен проблем кој го спречува активното вклучување на лицата со попреченост во политиката. Откако сум член на партија и потпретседателка на Обединета младина за Македонија, се обидов да сумирам одредена бројка колку лица со попреченост има во партиите, но верувајте ми дека тешко можам да дојдам до ваквите податоци поради веќе споменатата причина, дека и самите партии не поседуваат вакви податоци и ваква статистика. Искрено можам да кажам дека е за пофалба тоа што во новиот попис кој треба да биде спроведен ќе има прашања кои се однесуваат на лицата со попреченост со цел да се добие реална бројка за оваа категорија граѓани, како и за видот на нивната попреченост. Се надевам дека ова ќе биде успешно реализирано и дека конечно ќе имаме реален увид и статистика колку граѓани со попреченост живеат во нашата држава, па оттука како појдовна точка да почнеме да водиме статистика и за нивната реална вклученост во политиката - потенцира Ѓорѓевиќ.

Потребно е итно подобрување на нивниот статус

За да се подобри нивниот статус во политиката, Ѓорѓевиќ вели дека треба да се работи на надминување на стереотипите и предрасудите.

- Никој не може да знае дали едно лице со попреченост ќе биде одличен носител/ка на одредена политичка функција доколку не му се даде можност. Во светот постојат голем број позитивни примери кога лица со попреченост се носители на високи функции во политиката, би ги издвоила следниве светски имиња на лица со попреченост кои вршат одредени политички функции: Тами Дакворт е американска политичарка, корисник на количка и воедно е жена херој од војната во Ирак; Кирис Хабиб е 16. поручник гувернер на Вашингтон и е лице со оштетен вид; Жан-Мари Ле Пен, член на Европскиот парламент и трикратен кандидат за претседател,  е лице со оштетен вид на левото око; Џордон Стил-Џон е австралиски политичар, член на Сенатот што ја претставува Западна Австралија и е корисник на количка; Едгар Сависар, градоначалник на Талин, Естонија, и поранешен вршител на должноста премиер, е лице без десната нога и корисник на количка. Постојат и многу други позитивни примери кога лица со попреченост се носители на високи функции и таа должност успешно и квалитетно ја извршуваат, ова е само еден дополнителен доказ дека доколку им се обезбедат соодветни услови, тие максимално ќе ја оправдаат довербата и ќе работат и создаваат за добросостојбата на сите - информира Лидија.

Исто така, треба да се работи на подобрување на условите за да можат овие лица да бидат вклучени во политиката.

- Едно лице со попреченост, доколку на пример е корисник на количка, колку и да сака, не може активно да се вклучи во некоја партија доколку нема услови да стигне до седиштето на партијата, доколку нема услови да посети одредени настани, дебати, обуки поради непристапноста на местото каде што се одржуваат.  Исто така, лице со оштетен вид, слух или говор не може да се информира квалитетно за програмата на партијата доколку не му се обезбедени соодветните материјали. Мора да се работи на подобрувањето на условите, подобрување на инфраструктурата, приспособување на материјалите за лицата со попреченост. Партиите мора да бидат поотворени за соработка со овие лица. Доколку се организираат повеќе настани на кои лицата со попреченост ќе имаат услови и можност да учествуваат, ќе се зголеми и контактот на политичките партии со овие лица, ќе се зголеми нивната интеракција и ќе се дојде до заеднички заклучок дека овие лица се способни, едуцирани, високообразовани, квалитетни, дека поседуваат способности, знаења и вештини за одредени теми. Ништо во општеството не може да се направи и да се подобри доколку овие лица не се вклучат активно, ништо не може ниту во политиката да се направи доколку лицата со попреченост не се активни политички чинители - вели Лидија.

Можат секаде да се вклучат

Лицата со попреченост можат да се вклучат апсолутно во секој сегмент од општествениот и политичкиот живот и функционирање.

- Лице што е корисник на количка може да биде пратеник, како што е тоа пример и со Џордон Стил-Џон, кој е австралиски политичар, член на Сенатот што ја претставува Западна Австралија, или примерот на Тами Дакворт, американска политичарка. Овие лица имаат капацитет целосно, квалитетно и навремено да ги исполнуваат сите задолженија и обврски што ги носи оваа функција, потребно е само да им се обезбеди соодветен превоз од местото на живеење до местото на работа. Потребно е да има соодветна рампа, лифт за пратеникот со попреченост да стаса до работните простории итн. Оттука произлегува заклучокот дека лицата со попреченост не бараат апсолутно ништо повеќе од она што законски треба и мора да им биде обезбедено - изјавува Лидија.

Лицата со попреченост можат да бидат вклучени во парламентот како носители на функции, треба да бидат вклучени во образовниот систем како професори/ки, во здравствениот систем како лекари, медицински сестри, техничари, анестезиолози, треба почесто да ги гледаме и на големите филмски платна, да ја слушаме нивната музика...

-  Бесконечна е листата каде што можат да бидат вклучени лицата со попреченост, доволно е само да им се обезбедат загарантираните услови и тие да блеснат и максимално да придонесат за општественото добро - вели таа.

Немаат еднаков старт со другите

Она што е горка вистина е дека лицата со попреченост немаат еднаква стартна позиција во општеството со другите граѓани, подвлекува Ѓорѓевиќ.

- На патот кон успехот на едно лице со попреченост се поставени дополнителни архитектонски, инфраструктурни бариери, предрасуди, стереотипи, необезбедување соодветни материјали за информирање, немање соодветни услови на работното место и сл. Како што веќе напоменав, не постојат официјални статистички податоци кои се однесуваат на оваа категорија граѓани од каде што би можеле да се информираме за тоа колку лица со попреченост постојат во нашата држава, каков вид и степен на попреченост имаат, дали поголем дел од нив се вработени во приватен, државен сектор или имаат сопствени бизниси и сл. Но, од моето досегашно искуство можам да кажам дека лицата со попреченост се активно вклучени во голем број невладини организации, здруженија, каде што придонесуваат на теми. Искрено се надевам дека за многу брзо  ќе бидеме сведоци на едно инклузивно општество, со еднакви услови за сите категории граѓани - завршува Лидија.

фото: Приватна архива

Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема