X
 21.08.2018 Живот

Излудување или „геслајтинг“ – дали сте жртва на овој вид манипулација?

Сигурно ви се случило при расправија вашиот противник да рече: „Што ти е? Не беше така!“ Вие сте сосема сигурни дека навистина било така, но сепак почнувате да се сомневате... За жал, имаме лоша вест: веројатно сте станале жртва на посебен вид манипулација – излудување (Gaslighting).

Излудување или „геслајтинг“ е вид психолошко насилство чија цел е да ја наведе жртвата да се посомнева во објективната реалност.

Излудувањето уште се нарекува и „гасна светлина“, а терминот е поврзан со истоимениот филм (Gaslighting) кој во 1944 година бил номиниран за седум „Оскари“, а освоил два. Во тој филм сопругот манипулира со свеста на својата млада сопруга така што ги преместува и ги крие работите, со цел таа да поверува дека има проблеми со помнењето и дека го губи разумот.

Резултатите од ваквото емоционално малтретирање доаѓаат со текот на времето – а тоа се анксиозност, збунетост, недоверба во сопствените сеќавања и својата перцепција, депресија и негативни чувства кон себеси...

Како да се препознае „излудувањето“

* Ве наведуваат да се посомневате во вашето паметење.

* Ве убедуваат дека не можете да го знаете тоа поради вашите надворешни/старосни/физички параметри.

* Ве наведуваат да се посомневате во својата емоционална состојба.

* Ве уверуваат дека не сте во состојба добро да процените вистински настан.

* Ве уверуваат дека сите околу вас лажат и дека затоа не сфаќате како навистина стојат работите.

* Постојано ви укажуваат на вашите недостатоци и маани.

Како да се заштитите од „излудување“

*Ограничете ја комуникацијата со манипулаторот. Штом ќе ослабне психолошката тортура, ќе сфатите дека сè е во ред со вас.

* Отворено разговарајте за проблемот. Објаснете ѝ на таа личност дека со своето однесување влијае врз вашата психа. Ако станува збор за некој од вашите најблиски, ќе направи сè за да ја поправи ситуацијата.

* Научете се да го браните своето мислење. Користете факти и аргументи, расправајте се.

* Верувајте во вашето помнење и во сопствените чувства. Немојте да ги проверувате настаните потпирајќи се врз сеќавањата на другите.

* Водете дневник каде што ќе ги бележите важните факти и случувања. Така ќе стекнете поголема доверба во себе и во своето помнење.

* Во краен случај, обратете се кај непристрасни набљудувачи кои живеат или работат со вас. Прашајте ги дали ги гледаат недостатоците за кои постојано ве обвинуваат.

* Обидете се да останете спокојни. Не помагајте му на манипулаторот со тоа што ќе викате или ќе покажете агресивност. Трезвениот ум ќе ви помогне да задржите јасни сеќавања од одредена случка.

* Обрнете внимание на вашите стравови (на пример, дека ќе бидете осамени или ќе изгубите работа). Манипулаторите често играат на картата на она што ви е важно. Ако успеете да ги надвладеете вашите слабости, многу потешко ќе им биде да управуваат со вас.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот