X
 22.01.2025 Технологија

„Мајкрософт“ тврди дека се ближи крајот на ерата на лозинките, ќе бидат заменети со клучеви за пристап

Во обид да застане на патот на сè почестите напади со лозинки, „Мајкрософт“ настојува што побрзо да дојде крајот на ерата на лозинките. Оваа технолошка корпорација вели дека блокира 7.000 напади со лозинка во секунда, што е речиси двојно повеќе од минатата година, но дека тоа не е доволно. За повеќе од милијарда корисници, „Мајкрософт“ нуди решение во форма на лозинки на иднината - т.н. клучеви за пристап, кои овозможуваат побрзо најавување со помош на лице, отпечаток од прст или ПИН и не се подложни на класични методи на напад, како кражба или погодување лозинка.

- Клучевите за пристап ги елиминираат проблемите со заборавените лозинки и кодовите за еднократна употреба, а со тоа го намалуваат бројот на повици до поддршката за корисници - тврдат од „Мајкрософт“.

Сепак, не се сите подготвени за оваа промена. Според последното предупредување од Националниот центар за сајбер-безбедност на Велика Британија, иако клучевите за пристап се иднината, широката имплементација се соочува со предизвици.

Оттаму објавиле листа со десет клучни проблеми што го спречуваат масовното прифаќање на овој метод за автентикација. Тоа се неконзистентна терминологија на различни платформи, сложеност на миграцијата на сметката при префрлување од еден уред или оперативен систем на друг и дополнителна ранливост на процесот на обновување на сметката. Последново е важно затоа што доколку исчезнат лозинките, сајбер-напаѓачите ќе ги пренасочат своите напади кон процедурата за ресетирање на сметката.

Друг камен за сопнување е практичната примена - клучевите за пристап обично значат дека секој корисник има личен уред, што е проблематично за луѓето кои го делат истиот телефон или компјутер во едно домаќинство.

Сепак, клучните играчи, вклучително и Алијансата „ФИДО“, финансиската индустрија и најголемите технолошки компании, работат на стандардизација.

„Мајкрософт“ нагласува дека транзицијата нема да биде брза, туку дека активно работи на тоа.

- Дури и ако убедиме над милијарда корисници да се префрлат на клучеви за пристап, работата не е завршена сè додека лозинката е активна на сметката. Нашата крајна цел е целосно да ги отстраниме лозинките и да оставиме  поцврсти механизми за најавување.

Се чини дека полека, но сигурно завршува ерата на лозинките. Колку брзо сите ќе бидат заменети со технологија која е побезбедна и полесна за употреба, зависи од подготвеноста на индустријата, регулаторите и самите корисници.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија