X
 22.07.2025 Технологија

Поголем квалитет и помали трошоци - првата серија на „Нетфликс“ создадена со вештачка интелигенција

„Нетфликс“ првпат користеше вештачка интелигенција во една од своите ТВ-серии. Со овој чекор раководството на стриминг-платформата смета дека филмовите и програмите ќе станат поевтини и ќе имаат повисок квалитет.

Еден од извршните директори на „Нетфликс“, Тед Сарандос, изјави дека аргентинската научнофантастична серија „Вечниот патник“ (англ. „The Eternaut“) е првата серија од нивна продукција која вклучува користење снимки создадени со помош на генеративна вештачка интелигенција.

- И понатаму сме уверени дека вештачката интелигенција претставува неверојатна можност да им се помогне на авторите да направат подобри филмови и серии, а не само поевтини - изјави Сарандос пред аналитичарите откако „Нетфликс“ ги објави резултатите за вториот квартал.

Според него, во серијата која го прикажува преживувањето од брзи и разурнувачки токсични снежни врнежи, учествувале „Нетфликс“ и уметници за изработка на визуелни ефекти (VFX) кои користеле вештачка интелигенција за прикажување на рушењето на зграда во Буенос Аирес.

- Користејќи алатки базирани на вештачка интелигенција, постигнати се неверојатни резултати за исклучително кратко време, а таа VFX сцена беше завршена 10 пати побрзо отколку што би можела да се направи со традиционалните алатки и процеси за визуелни ефекти - истакна Сарандос.

Исто така, употребата на алатките со вештачка интелигенција овозможи „Нетфликс“ да ја финансира серијата по многу пониска цена отколку што е типично за продукција со висок буџет.

- Трошоците за специјални ефекти без вештачка интелигенција едноставно не би биле изводливи за серија со таков буџет - рече Сарандос.

Употребата на генеративна вештачка интелигенција во индустријата за забава предизвика страв од намалување на бројот на работни места, особено во областите како продукција и специјални ефекти.

Вештачката интелигенција во 2023 година беше клучна точка на спор во штрајковите на холивудските актери и сценаристи, кои постигнаа договори според кои се обезбедува новата технологија да остане под контрола на работниците наместо да се користи за нивна замена.


Извор: bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија