Во екот на летната сезона и почетокот на школската година протокот на патници на наплатните станици за користење на македонските автопати е зголемен и често има метеж, особено во утринските и вечерните часови кога граѓаните најмногу патуваат.
Модернизирањето на наплатните станици со воведување наплата со М-ТАГ и М-Кард требаше да го олесни патувањето и да го намали чекањето, но кога има малку зголемена фреквенција на патиштата, на виделина излегуваат некои проблеми при поминувањето и наплаќањето на патарини.
Дел од граѓаните се пожалија дека со својот М-ТАГ уред мора да чекаат на лента наместо да поминат со 20 км/ч поради тоа што наплатната станица има уред за наплата со картичка на истата лента.
- На сите ленти на кои е воспоставена електронска наплата има поставено читачи и за М-ТАГ уреди и за смарт-картички М-Кард, како и платежни картички. Тоа е стандардна опрема во секоја наплатна кабина за да може да се изврши наплата со М-ТАГ уред или М-Кард без интервенција.
Лентите означени со ознака М-ТАГ на пристапниот семафор на наплатната станица се наменети исклучиво за возила со електронски уред М-ТАГ. Кога возачи со М-Кард се вклучуваат на тие ленти, доаѓа до непотребно задржување и застој. Затоа апелираме граѓаните да ги почитуваат ознаките. Се работи на наоѓање трајно решение за оваа проблематика - велат од ЈПДП за Факултети.мк
Наплатните станици во Тетово и Гостивар, како што велат од ЈПДП, немаат електронска наплата, но наскоро и овие станици ќе се модернизираат.
- Модернизацијата на наплатните станици со М-ТАГ и М-Кард ќе заврши кога ќе заврши изградбата на Коридорот 8. Наскоро се очекува да започне модернизацијата на наплатната станица Миладиновци - велат од ЈПДП.
Евидентираниот раст на електронската наплата се очекува да се зголеми со надополнувањето на електронските уреди – М-Кард и М-ТАГ – преку широка мрежа на малопродажни објекти низ целата држава, за што Јавното претпријатие за држави патишта објави повик за избор на оператор.
- Во спроведената постапка избрани се 2 правни лица за дистрибуција, продажба и наплата на патарина. Во тек е потпишувањето на договорите и воспоставување интероперабилност на системите. Наскоро се очекува да почнат дистрибуцијата, продажбата и наплатата на патарина од избраните правни лица - одговорија од ЈПДП.
ЈПДП бележи континуиран раст на приходите од наплата на патарина. Од патарини во првата половина од годинава се наплатени 30,89 милиони евра или за 1,26 милиони евра повеќе од истиот период лани. Во сериозен раст е употребата на ЕНП електронска наплата на патарина и ова укажува на тренд на зголемена дигитализација и побрз проток на сообраќај на патарините. Во системот Отворен Балкан досега се регистрирани 5.077 македонски тагови и 8.500 српски тагови.
Инаку, Собранието изгласа измени на Законот за јавни патишта со кои се создаде правна основа за објава на повик за избор на оператор за поставување малопродажна мрежа низ државата за надополнувањето на електронските уреди – М-Кард и М-таг. Тоа досега можеше да се прави само во просториите на ЈПДП.
Од Јавното претпријатие за државни патишта споделуваат и дека во тек е подготовка за изработка на проектна документација за затворен систем за електронска наплата на патарина на Коридор 8.
Во однос на модернизирањето на наплатните станици и на процесот на наплата на Коридорот 8, веќе се изработува документација за реконструкција на наплатната станица Миладиновци за поставување електронски систем за наплата.
Електронскиот систем за наплата на патарините во државава е воведен од јули 2019 година на наплатните станици Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридорот 10, како и на Петровец. На Коридорот 8 наплатната станица Глумово профункционира како целосно електронска на 4 април минатата година, а Желино се трансформира во електронски систем еден месец подоцна.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.