X
 05.09.2017 Култура

Кинески ресторан наплаќа на необичен начин


Ресторан во Кина
(Фото: Reuters)


Ресторан од брендот КФЦ во градот Хангџоу, на истокот од Кина, осмисли нов начин на плаќање на оброците – со насмевка.

Клиентите ќе можат да ја користат опцијата „Плати со насмевка“ со помош на препознавање лица, а со цел да се привлечат млади потрошувачи.

Компанијата Yum China, која е создадена во рамките на американската компанија Yum Brands Inc. минатата година, се обидува да ја зголеми продажбата во Кина, каде што стравувањата за безбедноста на храната и промената во вкусот на потрошувачите ја десеткуваа продажбата во однос на 2012 година.

Yum и понатаму е најголемиот синџир за брза храна на пазарот со дури 7.685 продавници. Во вториот квартал од оваа година продажбата почна да расте со помош на брендот КФЦ.

Новата продавница во Хангџоу, наречена КПРО, цели на помладата генерација Кинези, за која се очекува дека во следната деценија ќе влијае врз порастот на консумирањето.

Џои Ват, претседателот на компанијата Yum China, изјави дека оваа продавница е отворена со цел да ги привлече „младите потрошувачи кои се во тренд и кои се волни да прифатат нови вкусови и иновации“.

Продавницата во Хангџоу, во соработка со компанијата Ant Financial, воведе софтвер за препознавање лица. Од таа компанија велат дека ова е првата комерцијална употреба на ваков софтвер во светот.

Плаќањето се врши со скенирање на лица и внесување на бројот од мобилниот телефон, за да се спречи измама на системот.

„Во комбинација со 3Д-камера и алгоритам кој детектира живи битија, наречен Плати со насмевка, може да се уочи обидот за измами, како подметнување туѓи фотографии или видеоснимки, и да се обезбеди целосна безбедност на сметката“, вели Џидонг Чен, директор за биометриска идентификација во компанијата Ant Financial.

Листата на јадења вклучува сезонски производи, салати по нарачка и печива. Пилешкото месо на менито е печено, додека од пијалаци се служат свежо цедени сокови, кафе и точени пива.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура