X
 22.06.2026 Наша тема

„Најубаво е кога те препознаваат по работата, трудот и знаењето, а не по дијагнозата“, вели Симона Јовеска, која магистрира по втор пат

Симона Јовеска поместува граници во образованието и кариерниот развој на лицата со попречености. Таа магистрира по втор пат, вклучувајќи го личното искуство, но и професионалната работа во областа на социјалната заштита во академското и системското истражување. 

Првата магистерска диплома ѝ беше од областа на биотехничките науки, а сега магистрира на Правниот факултет во Битола. Јовеска истражуваше колку постојните механизми и политики за социјална заштита се усогласени со европските стандарди и колку тие реално функционираат во практика?



Напредок во законите, но практиката тапка в место

Тезата „Имплементација на европските политики за социјалната заштита и инклузија: локални предизвици и перспективи“ покажа дека постои напредок во нормативниот дел, но во практика сè уште има сериозни предизвици. Тие особено се во делот на пристапноста, достапноста на услуги, административните процедури и еднаквиот пристап до образование и вработување.

- Една од најважните европски политики што треба доследно да се имплементира кај нас е пристапот базиран на човекови права и еднакви можности за лицата со попреченост. Тоа подразбира не само формално носење закони, туку и нивна реална примена во секојдневниот живот. Особено се важни политиките за независно живеење, пристапно образование, инклузивен пазар на труд, достапни услуги во заедницата и дигитална и физичка пристапност - вели Јовеска.



Сè уште присутни стереотипи и недоволна свест

Во Македонија постојат одредени законски решенија и стратегии, додава таа, но проблемот најчесто е во нивната недоволна имплементација.

-Причините се повеќеслојни – недоволни финансиски ресурси, недостиг на координација меѓу институциите, но и сè уште присутни стереотипи и недоволна свест. Потребно е поголемо вклучување на самите лица со попреченост во процесите на креирање политики, континуирана едукација на институциите и посистемски пристап, а не решавање на проблемите само поединечно и ад хок - нагласува Јовеска.

Нејзиното истражување покажа и дека е потребна многу поголема меѓусекторска соработка и поактивно учество на локалната самоуправа во процесите на социјална инклузија.



Помага локалната самоуправа да е подостапна за лицата со попречености

Таа е вработена во Општина Битола како советник за социјални услуги за ранливи групи. Учествува во активности и иницијативи поврзани со инклузија, пристапност, поддршка на лица со попреченост и подобрување на локалните услуги.

- Особено ми е важно што имам можност и лично и професионално да придонесувам кон подигнување на свеста за потребите на лицата со попреченост, но и да работам на конкретни иницијативи кои значат подобар квалитет на живот. Верувам дека локалната самоуправа има многу важна улога затоа што токму на локално ниво граѓаните најдиректно ги чувствуваат промените - додава таа.

Ги менува состојбите во високото образование

Таа е пример дека човекот треба да биде борец и да не потклекнува на тешкотиите и пречките. Живеејќи со СМА (спинална мускулна атрофија) и минувајќи низ образовниот систем од прво одделение, па до титулата м-р, по втор пат, се соочила и со бариери и со предрасуди, но никогаш не потклекнала.



-Бариерите се најмногу поради недоволната пристапност и понекогаш ниските очекувања што општеството ги има кон лицата со попреченост. Имало ситуации кога повеќе се гледала попреченоста отколку потенцијалот и знаењето. Дел од предизвиците беа физичката непристапност, недостигот на соодветни услови, но и потребата постојано да се докажуваш повеќе од другите - искрена е Јовеска.

Но, не ги занемарува и убавите искуства.

- Имаше професори и луѓе кои навистина веруваа во мене, ми даваа поддршка и ме мотивираа да продолжам понатаму. Токму тие примери покажуваат колку е важна човечката поддршка и еднаквиот пристап. Еден од најубавите моменти е кога некој ќе те препознае по твојата работа, труд и знаење, а не по дијагнозата - вели Симона.

И во високото образование работите полека се менуваат. Има позитивни премери дека попреченоста не е пречка во стекнувањето академски титули, но сè уште постојат предрасуди и потценување.



- Често лицата со попреченост мора двојно повеќе да се докажуваат за да им се признаат квалитетот и професионалноста. Сепак, има многу успешни луѓе со попреченост кои покажуваат дека професионалниот развој е можен кога постојат услови и еднакви можности. Проблемот не е во способноста на лицата со попреченост, туку во бариерите што ги создава општеството. Потребно е повеќе да се отворат институциите, да има поголема пристапност и вистинска инклузија на пазарот на трудот - нагласува таа.

Следен чекор докторат

По одбраната на двете магистерски тези, следен логичен чекор е докторат. Покрај социјалната политика, инклузијата и правата на лицата со попреченост, ја интересираат и современи теми поврзани со дигитализацијата, социјалната правда и европските модели на социјална заштита. Сака идното истражување да има не само академска, туку и практична вредност, односно да придонесе кон креирање подобри политики и реални промени во општеството.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема