X
 22.09.2026 Наша тема

Зошто генерацијата што планира сѐ не планира ризици?

„Тоа им се случува на другите“ е една од најчестите мисли со кои младите го доживуваат ризикот. Несреќа, болест, ненадеен трошок, изгубен багаж, прекин на работа... сето тоа постои, но некако секогаш му се случува на некој друг.

Младите денес внимателно планираат каде ќе студираат, каква кариера ќе градат, каде ќе патуваат, кога ќе купат стан и кога ќе создадат семејство. Но, многу поретко си го поставуваат прашањето: Што ако нешто од тоа не се случи според планот?

Психолозите го поврзуваат ова со чувството на неранливост кое е почесто во младоста. Кога имаме чувство дека имаме доволно време пред себе, ризиците изгледаат далечни и малку веројатни.

Современата генерација е навикната да го планира она што може да го контролира. Да постави цел, да направи чекори и да стигне до неа. Но, што со она што не може да се контролира?

Прашавме неколку млади што планираат во следните пет години. Одговорите беа долги – образование, кариера, патувања, нови проекти, финансиска независност. Но, кога прашавме што би направиле ако нешто непредвидено им го наруши планот, листата на одговори нагло се скрати.

Мими Марковски: Кај младите постои мислењето „Нам нема што да ни се случи“

Мими Марковски, музичар, музички продуцент, композитор и медиумски работник, во следните пет години планира професионален развој, сопствени проекти и инвестиции во работата и знаењето.

- Сакам да создадам поголема финансиска стабилност и, секако, да имам повеќе можности за патувања и лични искуства - вели Марковски.

Но, неговиот план има и дополнителна ставка – план Б.



- Не можеме да предвидиме што ќе се случи, но можеме да бидеме подготвени финансиски и психички. Ако нешто ми го наруши планот, би се обидел да се адаптирам и да најдам нов начин да продолжам понатаму наместо целосно да се откажам од целта - вели тој.

Марковски отворено признава дека и самиот не е човек кој е осигурен за секој можен ризик. Во моментов користи осигурување главно за автомобил и за патувања.

- Кај младите генерално постои мислењето дека „нема што да ни се случи“, па осигурувањето често го доживуваме како непотребен трошок. Со текот на времето, сепак, сфаќаш дека неговата поента е токму да те заштити кога најмалку го очекуваш тоа - вели Марковски.

Јана Андреска: Планот е важен, но и непредвидливото е дел од животот

Јана Андреска, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во следните пет години се гледа професионално активна во областа на меѓународните односи, дипломатијата и европските интеграции, области кои во моментов ги изучува на магистерски студии.

Но, покрај професионалните цели, смета дека младите треба да бидат свесни и за она што не можат да го предвидат.

- Важно е младите да знаат и да бидат информирани дека постојат механизми и можности што можат да им помогнат во периоди на неизвесност - вели Андреска.
Таа веќе има навика да размислува за дел од ризиците.



- Користам здравствено патничко осигурување секогаш кога патувам, без разлика дали патувам туристички или на проекти поврзани со мојот професионален ангажман. При секое патување постои можност за одредена непријатност или непредвидена ситуација, затоа патничкото осигурување ја дава потребната сигурност во случај на итна медицинска нега или осигурување на багажот. На тој начин можам да избегнам непредвидени финансиски оптоварувања - вели таа.

„Триглав Осигурување“: Планот Б е подготовка за она што не можеме да го испланираме

Колку повеќе планираат младите, толку повеќе треба да размислуваат и за она што не можат да го испланираат. Планот Б не значи дека очекуваме нешто да тргне наопаку, туку дека сме свесни дека животот не функционира секогаш според нашата агенда.

За млад човек кој штотуку започнува кариера, неочекуван трошок може да значи одложена инвестиција. За некој што патува, медицински проблем во странство може да стане сериозен финансиски удар. За семејство кое штотуку купило дом, несреќа или прекин на приходите може целосно да ја промени финансиската слика.
Токму затоа осигурувањето не е само прашање на тоа дали нешто ќе ни се случи, туку што ќе направиме ако се случи.

Од „Триглав Осигурување“ велат дека младите најчесто првпат ја препознаваат потребата од осигурување кога ќе се соочат со конкретна ситуација – сообраќајна незгода, повреда, здравствен проблем, кражба, штета во домот или компликација при патување.

- Младите во Македонија сè повеќе ја препознаваат потребата од осигурување, особено кога патуваат, купуваат автомобил или првпат се вработуваат. Сепак, често го доживуваат како трошок што може да почека. Тоа е разбирливо бидејќи во младоста фокусот е на плановите, целите и новите можности, додека ризикот изгледа далечен. Но, осигурувањето не значи дека очекуваме нешто лошо да се случи, туку дека сакаме да имаме поддршка ако се случи нешто непредвидено - велат од компанијата.



Зголемен интересот кај младите за различни видови осигурување

Податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат значителен раст кај доброволното здравствено осигурување, што е знак дека потребата за дополнителна сигурност веќе станува повидлива. Од „Триглав Осигурување“ посочуваат дека најчестата форма на осигурување со која младите се среќаваат е автомобилското, пред сè, поради задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Но, интересот постепено се шири и кон здравственото, патничкото и каско-осигурувањето, особено кај оние со поактивен начин на живот, почести патувања или поголеми финансиски обврски.

- Првото вработување, исто така, има важна улога бидејќи преку корпоративни бенефиции, како колективното осигурување од незгода и приватното здравствено осигурување, младите често првпат го запознаваат осигурувањето во практика. Така, тоа постепено станува дел од нивната финансиска грижа за себе - велат од „Триглав Осигурување“.

Како најрелевантни за младите ги издвојуваат здравственото и патничкото осигурување, осигурувањето од незгода и каското – видови заштита поврзани со секојдневието, патувањата, автомобилот, работата и активностите.

- Подоцна, со купувањето дом, формирањето семејство или земањето кредит, природно расте значењето и потребата од осигурување на дом и имотно осигурување, кои обезбедуваат заштита на домот, покуќнината и имотот од различни ризици. Дополнително, со основање сопствен бизнис, стануваат релевантни и имотните осигурувања за деловните простории, опремата и преостанатиот имот поврзан со работењето, како и осигурувањата кои ги покриваат специфичните ризици на бизнисот - велат од „Триглав Осигурување“.

На крај порачуваат: „Најдобриот избор не е ист за сите; тој треба да се гради според животната фаза, навиките и плановите на секој млад човек“.

Иднината не можеме да ја испланираме до последен детаљ. Но, можеме да испланираме што ќе направиме кога животот ќе ни покаже дека не оди секогаш според планот. Можеби вистинското планирање не е да знаеме што ќе ни се случи, туку да бидеме подготвени кога ќе се случи нешто што не сме го предвиделе.

Фото: magnific и приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема