X
 22.11.2021 Живот

Сѐ повеќе земји сериозно го ограничуваат животот на невакцинираните. Ова се некои од нив

Од 22 ноември до 13 декември Австрија влегува во карантин, а од 1 февруари вакцинацијата ќе биде задолжителна.

Покрај Австрија, сѐ повеќе европски земји воведуваат мерки за невакцинираните за да се забрза вакцинацијата и да се намали притисокот врз болниците.

Ви пренесуваме преглед.

Австрија


Австрија е првата европска земја што воведе значителни ограничувања за невакцинираните.

Прво т.н. заклучување за невакцинирани или луѓе што прележале ковид-19, но не се вакцинирале. На овие луѓе им е дозволено да го напуштат станот само во исклучителни случаи, како што се купување намирници, посета на лекар или аптека или одење на работа.

Најавени се строги проверки на овие мерки, но и високи казни за оние што ќе ги прекршат - до 1.450 евра.

Но, иако се чинеше дека ова ќе биде единствената строга мерка, австрискиот канцелар Александар Шаленберг најави дека од 22 ноември целата земја ќе биде заклучена, а од февруари вакцинацијата ќе биде задолжителна.

- Не сакаме петти бран. Не ни беше лесно да донесеме ваква одлука. Би сакал да се извинам поради ова - изјави министерот за здравство Волфганг Мукштајн.

Австрискиот канцелар рече дека антиваксерите и оние што шират дезинформации за вакцините се виновни за рекордниот број ковид-случаи во Австрија.

Заклучувањето ќе трае до 13 декември, со можност за продолжување за уште 10 дена. Потоа завршува, но само за вакцинираните и прележаните, а за другите и понатаму останува во сила. По 10 дена ќе се провери дали овие мерки даваат ефект, а во случај на позитивна оцена, ќе се укине карантинот за вакцинираните.

avstirja
Фото: Freepik

Дополнително, се враќа задолжителната обврска за носење маски во затворени простории.

Австрија со 66 отсто од вакцинираните е една од европските земји со најниска стапка на вакцинација.

Германија

Како што најави, и Германија ќе го следи примерот на Австрија.

Германските лидери веќе се согласија да воведат ограничувања за невакцинираните луѓе во областите со многу болнички приеми. Парламентот, исто така, ги поддржа барањата луѓето да покажат сертификати во автобуси и возови и на работното место.

Во Баварија заклучување за невакцинираните


Во Баварија, која граничи со Австрија, премиерот Маркус Содер отиде чекор понатаму прогласувајќи „де факто заклучување за невакцинираните“. Баровите и клубовите ќе бидат затворени три недели, а сите божиќни саеми се откажани. Онаму каде што неделните стапки на инциденца надминуваат 1.000 на 100.000 луѓе - рестораните, хотелите, спортот и културата - исто така ќе бидат затворени.

Вчера беше одлучено дека добар дел од јавниот живот ќе биде ограничен во делови од државата каде што болниците ќе бидат преоптоварени со пациенти со ковид-19 и ограничени на оние што се или вакцинирани или прележани.

Саксонија, регион најтешко погоден од четвртиот бран, веќе размислува за делумно заклучување, вклучително и затворање на театри и одложување на фудбалските натпревари, објави весникот „Билд“. Оваа источногерманска сојузна покраина има најниска стапка на вакцинација и највисока стапка на инфекција.



Чешка, Словачка и Грција воведуваат заклучување за невакцинираните

И Чешка, Словачка и Грција планираат да воведат мерки за невакцинираните против ковид-19 за да се забрза вакцинацијата и да се намали притисокот врз болниците.

Чешката Влада ги одобри плановите да им дозволи само на оние што биле вакцинирани или прележале во изминатите шест месеци да влезат во ресторани или на одредени настани и да користат различни услуги од понеделник.

Словачка презеде сличен чекор, кој премиерот Едуард Хегер го нарече „заклучување за невакцинираните“.

Чешка се наоѓа под просекот на Европската Унија кога станува збор за бројот на вакцинирани, со 58 отсто. Словачка во овој поглед е уште полоша од Чешка, со 45 отсто.

Грција, исто така, во четвртокот објави дека ќе воведе ограничувања за оние што не се вакцинирани.

Како што рече премиерот Киријакос Мицотакис во телевизиско обраќање до нацијата, мерката ќе вклучи, на пример, забрана за невакцинирани лица да влегуваат во сите затворени простори, вклучително и кина, музеи и спортски сали.

Белгија воведува задолжителна работа од дома, маски и ковид-сертификати

Белгија објави низа мерки со кои планира да го намали бројот на нови инфекции, но и да избегне заклучување. Децата до 10 години во Белгија ќе мора да носат маска, што е построга мерка од претходната, кога маските беа задолжителни за децата до 12 години. Работата од дома ќе стане задолжителна од сабота, четири дена во неделата. Ќе бидат потребни ковид-сертификати во театрите, кината и музеите.

Сите Белгијци треба да се вакцинираат со бустер-доза до крајот на април 2022 година.

Шведска ги воведе првите мерки по два месеца

Шведска, исто така, воведе нови мерки два месеца по укинувањето на сите епидемиолошки ограничувања. Новите мерки се однесуваат, пред сѐ, на невакцинираните. Од 1 декември потребни ќе бидат ковид-потврди за јавни собири во затворени простории со повеќе од 100 учесници.

До средата Шведска вакцинира 81,7 отсто од населението на возраст над 16 години со двете дози.

Холандија воведе делумно заклучување


Холандија минатата недела воведе делумно заклучување од три недели, што значи дека рестораните и продавниците ќе се затворат порано, а нема да биде дозволена публика на големите спортски настани за да се спречи наглиот пораст на инфекции.

2
Фото: Freepik

Околу 85 отсто од возрасната популација во Холандија е целосно вакцинирана.

Португалија воведе нови мерки иако повеќе од 86 отсто од луѓето се вакцинирани

Португалија, иако една од највакцинираните земји во светот, размислува за нови ограничувања за да се спротивстави на ширењето на епидемијата и рекордниот број нови случаи и хоспитализации од почетокот на учебната година.

Ирска, која исто така има висока стапка на вакцинација, воведува полициски час

Премиерот на Ирска, Мајкл Мартин, најави полициски час во баровите, рестораните и ноќните клубови. Се воведува и препораката за работа од дома и употреба на ковид-пропусници за одење на театар или во кино.

Во Словенија нови мерки, бројот на заразени нагло расте, болниците брзо се полнат


Словенија и понатаму е во критична ситуација, болниците продолжуваат да се полнат.

Поради тешката епидемиолошка состојба, Владата воведе нови мерки, но не одлучи да затвори 14 дена, како што посочуваа епидемиолозите поради опасност од колапс на болничкиот систем.

Иако поради воведувањето построги ограничувања, интересот за вакцинација е зголемен во последните денови, сепак, вакцинацијата е под посакуваното ниво и изнесува 53,4 отсто од вкупното население, што е за 0,4 процентни поени повеќе од пред седум дена.

Меѓу другото, мерките пропишуваат поширока употреба на ковид-потврдите со приложување документи за идентификација, скратено работење на локалите и забрани за работа на ноќните клубови и дискотеките, почесто тестирање на учениците во основните и во средните училишта, забрани за големи народни собири и други ограничувања.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот