X
 28.09.2026 Живот

Нова алатка за пријавување на онлајн нападите врз новинарките - целта е да не се нормализираат како дел од работата

Главната задача на алатката е пријавувањето да биде едноставно, брзо и достапно, без новинарката сама да мора да бара каде и кому да се обрати. Но, алатката не ја гледаме само како формулар за пријавување. Таа треба да биде механизам преку кој ќе можеме да создадеме подобра слика за тоа какви видови онлајн напади се случуваат врз новинарките, колку често се случуваат и какви се нивните последици, вели Марија Митевска, новинарка и претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари во саботата ја промовираа дигиталната алатка за пријавување онлајн вознемирување врз новинарки и медиумски работнички.

Новинарките и медиумските работнички во последните години сѐ повеќе се цел на напади, навреди и закани, особено во онлајн сферата. Ваквата алатка, која овозможува полесно и поефикасно пријавување на овие напади кои сериозно влијаат врз слободата на изразување и работата на новинарките, е од особено значење за следење и анализа, а со тоа и за поефикасна борба против оваа појава. Подетално за оваа дигитална алатка ни споделува Марија Митевска, новинарка и претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“.

- Идејата произлезе од потребата да се одговори на еден проблем со кој новинарките сè почесто се соочуваат - онлајн вознемирувањето, заканите, навредите, сексистичките коментари, говорот на омраза и различните форми на дигитален напад. Социјалните мрежи и дигиталните платформи се неизбежен дел од новинарската работа, но истовремено стануваат простор во кој новинарките можат да бидат изложени на сериозни напади. Она што го забележувавме е дека многу од овие случаи остануваат само на ниво на лично искуство - споделува Марија.

По пријавата следува процена на пријавата

Новинарката може да добие стотици навредливи пораки или закана, но да не знае каде да ја пријави, дали случајот е доволно сериозен за институционално постапување и што ќе се случи откако ќе го пријави.

- Затоа сакавме да создадеме едно едноставно и достапно место каде што новинарките можат да го пријават случајот и тој да биде евидентиран, документиран и понатаму анализиран. Фокусот е на онлајн вознемирувањето затоа што тоа е специфична форма на насилство која често се потценува, иако може директно да влијае врз безбедноста, приватноста и професионалната работа на новинарките - додава Марија Митевска.

Главната задача на алатката е пријавувањето да биде едноставно, брзо и достапно, без новинарката сама да мора да бара каде и кому да се обрати.

- Но, алатката не ја гледаме само како формулар за пријавување. Таа треба да биде механизам преку кој ќе можеме да создадеме подобра слика за тоа какви видови онлајн напади се случуваат врз новинарките, колку често се случуваат и какви се нивните последици. Со тоа сакаме да постигнеме две работи: прво, новинарките да знаат дека нивното искуство е важно и дека постои механизам преку кој можат да го документираат; и второ, организациите и институциите да имаат поконкретни податоци врз основа на кои можат да креираат мерки за заштита и превенција - изјавува Митевска.
Откако новинарката ќе го пријави случајот, информациите се собираат преку алатката и случајот се евидентира и категоризира според видот на вознемирувањето, начинот на кој се случило, платформата на која се случило и други релевантни податоци. Следниот чекор е процена на пријавата и, зависно од природата и сериозноста на случајот, насочување кон соодветна поддршка или понатамошно постапување. Тоа може да вклучува информирање за достапните механизми за заштита и пријавување, правна или друга поддршка, како и следење на случајот кога е тоа соодветно.

- Многу е важно да нагласиме дека новинарката не треба да се чувствува како да влегува во комплицирана процедура само затоа што пријавила напад. Целта е алатката да биде првиот едноставен чекор - да пријави, да се документира случајот и да добие информации што може да ги преземе понатаму - објаснува нашата соговорничка.



Целта не е да има повеќе пријави, туку подобра заштита

Како што вели Митевска, затоа што кога секој случај го гледаме изолиран, тешко може да се согледа пошироката слика.

- Една навреда, една закана или еден сексистички коментар може да изгледа како индивидуален инцидент. Но, кога ќе собереме податоци за поголем број случаи, можеме да видиме дали постојат повторливи обрасци - кои се најчестите форми на вознемирување, преку кои платформи се случуваат, дали одредени теми или типови на новинарски ангажман предизвикуваат поголем број напади и какви последици имаат тие врз новинарките. Тоа е важно и од аспект на креирањето политики. Без податоци, многу лесно може да се каже дека станува збор само за „коментари на интернет“. Со систематски собрани податоци можеме да покажеме дека станува збор за реален проблем кој влијае врз безбедноста и слободата на новинарките да ја вршат својата професија - подвлекува Марија.

Она што сакаат на долг рок да го постигнат „Еднаква“ и ССНМ е онлајн вознемирувањето врз новинарките повеќе да не се нормализира како „дел од работата“. Сакаат новинарките да имаат чувство дека кога ќе бидат нападнати онлајн, не мора сами да се справуваат со тоа и дека нивниот случај може да биде документиран и проследен.

- Истовремено, сакаме да создадеме база на знаење и податоци која ќе помогне подобро да се разбере проблемот и да се креираат поефикасни механизми за превенција и заштита. Ова е особено важно денес затоа што онлајн и офлајн просторот повеќе не можеме да ги гледаме како целосно одвоени. Заканата што започнува на интернет може да има последици во реалниот живот, а континуираното вознемирување може да влијае врз приватноста, безбедноста, интегритетот и професионалниот живот на една новинарка. На крајот, целта не е само да имаме повеќе пријави. Целта е да имаме подобра заштита, подобро разбирање на проблемот и средина во која новинарките можат слободно и безбедно да ја вршат својата работа - истакнува Марија.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот