X
 28.09.2026 Живот

Клучот за среќата не е во парите, науката има неочекуван одговор

Децении истражувања и следење на животот на илјадници луѓе, од студенти на „Харвард“ до жители на сиромашни квартови во Бостон, ги доведоа научниците до изненадувачки заклучок: формулата за добар живот не се крие во богатството или славата, туку во нешто многу потемелно.

Кога научниците од „Харвард“ во 1938 година започнаа амбициозен проект за следење на животот на 268 студенти, се надеваа дека ќе ги откријат тајните на здравиот и среќен живот. Меѓу првите учесници беа и идниот претседател Џон Ф. Кенеди и познатиот уредник на „Вашингтон пост“, Бен Бредли. Студијата подоцна се прошири и на 456 момчиња од сиромашни делови на Бостон, а денес опфаќа повеќе од две илјади луѓе, вклучувајќи ги и потомците на првобитните учесници.

По повеќе од 85 години прибирање податоци, од медицински картони до детални прашалници и интервјуа, еден заклучок се издвои како неоспорен.

- Изненадувачкото откритие е дека нашите односи и тоа колку сме среќни во нив имаат силно влијание врз нашето здравје - објасни Роберт Волдингер, професор по психијатрија на „Харвард“ и четврти директор на оваа најдолга научна студија за среќата.

Се покажа дека блиските и квалитетни односи се подобри фактори за долг и среќен живот од општествената класа, коефициентот на интелигенција, па дури и од гените. Податоците открија дека нивото на задоволство од врските во 50-тата година било подобар показател за физичкото здравје во 80-тата година отколку нивото на холестерол.

Моделот што се користеше во студијата вклучува нумерички процени од податоците од анкетата што претставуваат како секој дел од среќата е поврзан со другите.

Среќните бракови дејствуваа како заштита од ментално пропаѓање, па така паровите во осмата деценија од животот, кои биле задоволни од својот однос, пријавувале дека расположението не им опаѓа дури ни во деновите кога чувствуваат посилна физичка болка. Од друга страна, оние во несреќни врски чувствувале засилена емоционална и физичка болка. Волдингер истакнува дека осаменоста може да биде смртоносна, споредувајќи го нејзиното влијание со пушењето или алкохолизмот.

„Социјалниот фитнес“ се вежба

Баш како што на телото му е потребна вежба, така и на нашите општествени врски им се потребни свесен труд и работа. Волдингер го воведува поимот „социјален фитнес“, кој подразбира способност да ги процениме нашите односи и активно да работиме на нив. Тоа значи поставување прашања: Кои врски ми даваат енергија? Кого го ценам и како можам таа личност повеќе да ја вклучам во мојот живот? Дали сакам да создадам нови контакти? Дури и блиските пријатели можат полека да исчезнат од листата со приоритети ако свесно не ги негуваме. Најдобриот начин за подобрување на „социјалниот фитнес“ е времето за односите да се внесе во неделниот распоред, исто како одењето во фитнес-сала или деловниот состанок.

Чувството на среќа за подолг живот

Волдингер и неговиот колега, воедно и пријател, разговараат по телефон секој петок напладне. -Тоа стана автоматски. Разговараме за работата, но и за децата, за личните проблеми, за сè. Тој повик е огромен фактор во одржувањето на нашата блискост - нагласи Волдингер.

Чувството на контрола како клучна состојка

Покрај силните врски, поновите истражувања укажуваат на уште еден клучен елемент на среќата – автономијата. Студијата објавена во списанието „Џурнал оф позитив психолоџи“ прави разлика помеѓу хедонистичкиот поглед на животот, кој среќата ја гледа како потрага по задоволство, и еудајмонистичкиот пристап, кој ја дефинира преку смислата и целта.

Истражувачите од Универзитетот во Торонто анкетирале повеќе од 1.200 возрасни лица и откриле дека иако поврзаноста со другите и чувството на компетентност се важни, автономијата е единствената психолошка потреба што придонесува за задоволството од животот независно од моменталните позитивни чувства.

Со други зборови, луѓето не го проценуваат својот живот само врз основа на прашањето „Како се чувствувам?“, туку и преку прашањето „Дали е ова мојот живот?“ Чувството дека самите сме донеле одлуки, дури и оние тешките што не носат моментално задоволство, пресудно влијае врз долгорочното чувство на исполнетост.

Иако често се вели дека парите не можат да купат среќа, истражувањата за улогата на богатството покажуваат посложена слика. Додека финансиската стабилност придонесува за благосостојбата, нејзиното влијание слабее откако ќе се достигне одредено ниво на приходи што ги покрива основните потреби. Студиите спроведени во мали, рурални заедници кои имаат малку или воопшто немаат контакт со пари покажаа изненадувачки високо ниво на задоволство од животот.

Ова покажува дека факторите како блискоста со природата, силната меѓузависност во заедницата и отсуството на општествени споредби можат да бидат помоќни извори на среќа од материјалното богатство.

Квалитетниот живот не се сведува на собирање моменти на уживање, туку на изградба на темели што ги прават цврстите врски со другите и чувството дека управуваме со сопствениот пат. Како што вели Волдингер, односите не гарантираат среќа секој ден, но градат темел на благосостојба, сигурносна мрежа и чувство дека во животот имаме луѓе на кои можеме да сметаме кога ќе ни затребаат.

Извор: n1info
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот