X
 23.01.2021 Образование

Франција ќе им помага на студентите во пандемијата со попусти за оброци и бесплатно советување

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, им ветил на сите студенти дека ќе може да купуваат оброци на попуст, односно ќе може да купат два оброка дневно за едно евро додека трае пандемијата.

Оваа одлука доаѓа по протести на кои студентите барале поголема финансиска помош, пренесува Би-би-си. Истовремено, протестите имале цел да се подигне свеста за проблемите со менталното здравје кои ги имаат студентите поради пандемијата како последица од изолираноста, неактивноста и грижите за иднината.

Многу од студентите бараат и враќање на предавањата на универзитетите. Дел од бруцошите ќе имаат предавања во предавалните од 25 јануари. Макрон изјавил во четвртокот дека сите студенти би требало да одат на кампусите барем еднаш неделно, притоа почитувајќи ги мерките за безбедност.


Фото: Емануел Макрон/Wikipedia

Моментално, во Франција има полициски час во периодот од 18 часот до 6 часот следниот ден, а бројот на заразени лица со коронавирусот расте во текот на последните недели. Макрон им ветил на студентите и дека владата ќе им обезбеди бесплатно советување и други услуги за ментално здравје. Студентите ќе добиваат ваучери што може да ги искористат за разговор со професионалец за ментално здравје.

Кога станува збор за оброците, студентите ќе може да ги купуваат за намалената цена од студентските мензи и други места во близина на универзитетите што нудат храна.

Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование